За прв пат – пад на онлајн продажбите на Black Friday

Онлајн продажбата за време на „Black Friday -Црниот петок“ не ги оправда очекувањата и се покажа дека е помала од претходната година. За прв пат, е-шопингот е намален од минатогодишното ниво, според извештајот на Adobe Analytics.

Онлајн купувачите потрошиле вкупно 8,9 милијарди долари за време на „Црниот петок“ оваа година, што е нешто помалку од 9 милијарди долари потрошени во 2020 година, според извештајот објавен од The Verge.

Се претпоставува дека трендот на намалување се должи на „зголемувањето на раните трошоци“, бидејќи некои е-продавници започнаа со продажба и промоции во октомври. Истражувањето, исто така, покажува дека за време на „Црниот петок“, 44,4% од купувачите направиле онлајн купувања преку паметен телефон, што е зголемување од 10,6% во однос на претходната година.

„За прв пат во историјата, „Црниот петок“ забележа пресврт на трендот на раст во последните години“, рече Вивек Пандја, виш аналитичар во Adobe Digital Insights. „Купувачите презедоа стратешки пристап за купување подароци, ги поставуваат своите нарачки многу порано во сезоната и се флексибилни во однос на времето за купување за да бидат сигурни дека ги добиваат најдобрите зделки“.

Заедно со т.н „Рани продажби“, падот веројатно се должи и на проблеми со глобалниот синџир на снабдување. Според извештајот на Adobe, извештаите за исцрпување на залихите се зголемиле за 124 отсто во споредба со јануари 2020 година.

Се чини дека купувачите имаат потешкотии да ги добијат производите што ги сакаат, се вели во извештајот. Се забележува дека електричните апарати и електрониката се најмногу погодени од континуираниот недостиг на чипови.