За прв пат во историјата: САД следната година ќе издадат банкноти со потпис жена министер

82

Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен и федералниот благајник Лин Малерба отпатуваа во фабриката за печатење на долар во Форт Ворт, Тексас, каде што ги потпишаа новите банкноти од долар и од пет долари што треба да бидат издадени следната година.

Ова ќе бидат првите банкноти во историјата на САД со потпис на две жени, како и први банкноти со потпис на министерка за финансии, бидејќи ова министерство од основањето во 1789 година го водат само мажи белци.

Поранешната претседателка на Банката на федерални резерви, Јелен, се пошегува дека банкнотите конечно ќе имаат читлив потпис, бидејќи извесно време поминала во вежбање на сопствениот.

Говорејќи пред новинарите, Јелен рече дека рецесијата во САД во никој случај не е неизбежна, иако економијата се соочува со бројни ризици. Сепак, тесните грла во синџирот на снабдување се намалуваат, а инфлацијата се намалува.