Забавено закрепнувањето на британската економија

20

Гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли предупреди дека заздравувањето на британската економија од пандемијата Ковид-19 се забавува поради прекини во синџирот на снабдување и недостаток на персонал.

Тој изјави дека економскиот пад предизвикан од пандемијата е многу ослабен во последните месеци, но дека нерамнотежата во побарувачката за стоки и услуги го попречува закрепнувањето, пренесе Гардијан. Бејли процени дека нарушувањата во глобалните синџири на снабдување се покажаа како подолготрајни од очекуваното, поради повисоката стапка на инфекција со коронавирус и зголемената побарувачка за индустриски производи.

Гувернерот на Банката на Англија рече дека се очекувало побарувачката за услуги да расте сe повеќе заедно со епидемиолошките ограничувања, но тоа не се случило во очекуваниот степен. Бејли додаде дека голем дел од инфлацискиот притисок предизвикан од пандемијата на крајот ќе исчезне, посочувајќи дека сегашните високи цени на челикот или земјоделските производи најверојатно ќе паднат.

Тој рече дека очекува тесните грла во снабдувањето да се „поправат“, но изрази загриженост поради постојаниот недостаток на работници, што може да потрае подолго од недостатокот на материјали. Економистите стравуваат дека недостатокот на работна сила заедно со зголемената побарувачка за стоки и услуги може да поттикне висока инфлација.

Банката на Англија предвидува дека инфлацијата годинава ќе достигне четири проценти, пред постепено да се врати на целната стапка од два проценти. Бејли рече дека комитетот на Банката за монетарна политика, кој ги одредува каматните стапки, најверојатно ќе биде принуден да ги подигне од сегашното ниво од 0,1 проценти, со цел да се бори против инфлаторните притисоци во следните две до три години.