Забележан позитивен тренд во текстилната индустрија

34

Текстилна-индустријаСтопанската комора на Македонија денес соопшти дека состојбите во текстилната индустрија се подобруваат. Извозот е зголемен за 8% и во првите шест месеци достигна 337 милиони долари наспроти евидентираните 310 милиони истиот период лани. Увозот, пак, е 255 милиони долари и е на речиси исто ниво како во 2012-та.

“Овој позитивен тренд што го покажуваат и резултатите од зголемувањето на извозот, е пред се и делумно од заживувањето на економијата во ЕУ, како и од зголемувањето на цената на готовите производи. Проекциите за производството во наредниот период, за колекцијата пролет-лето 2014, најмногу ќе зависат од склучувањето на договорите со странските партнери кон крајот на идниот месец”, рече Сашо Деспотовски од Комората на прес-конференција.

Стопанската комора уште еднаш апелира на потребата од интензивна соработка меѓу науката, државата и бизнисот за зголемување на иновативноста што е чекор напред кон ЕУ. Компаниите членки остануваат на ставот дека е неопходна поддршка од државата особено за автоматизација и модернизација за производството.

“За да бидеме поконкурентни мора да добиеме поддршка од државата преку поволни кредити или гарантни фондови. Така ќе го подобриме квалитетот и ќе ја зголемиме конкуренцијата”, напомена Деспотовски.

Како што информира Стопанската комора за една година може да се очекуваат и првите акредитирани анализи на текстилните производи во лабораторијата на Технолошко-металуршкиот факултет која е веќе опремена.

“Лабораторијата ќе овозможи повеќе видови услуги, проверка на квалитетот на производите и на рекламациите на купувачите, испитување на физичко-хемиските својства на текстилните материјали, нивната постојаност, бојата и степенот на белина, карактеризација на суровините…”, истакна Јадранка Аризанковска од Комората.

Досега испитувањата се вршеа во странство и беа многу поскапи.