Заблуди околу инвестирање во злато

5004

Златото е благороден метал што има широка примена. Кај нас поретко, што не е случај во светот, се вложуваат финансиски средства во злато. Таквата инвестиција за многумина е стабилна и исплатлива.

Banka zlata објавува неколку заблуди што важат кога станува збор за инвестирање во злато:

Вложувањето во злато е ризично

Цената на златото на берзата постојано се менува, па се случува во еден ден да достигне промена од 1%, а за една недела од дури 5%. Со оглед на тоа што цената може многу брзо да му се промени во толку краток временски период, многумина заклучуваат дека златото е можеби ризична инвестиција. Тоа е точно, но само ако планирате да инвестирате во злато на неколку месеци. Ако знаете дека ќе ви бидат потребни пари за следните неколку месеци, тогаш не се препорачува инвестирање во злато, но ниту во акции или инвестициони фондови. Колку е подолг временскиот период на вложување, ризикот од инвестирање во злато се намалува и на рок од околу 20 години, златото е многу помалку ризична инвестиција од било која друга.

Постои ризик да се купи лажни злато

Едно од најчестите прашања е “Како да знам дека тоа е вистинското злато?“, но овој страв е неоправдан бидејќи лажното злато на пазарот се наоѓа многу поретко одошто мислат луѓето. Денес секој може на интернет лесно да пронајде информации за проверка на златото, па дури и оние кои не се упатени можат со голема сигурност да проверат дали златната прачка е вистинска или не.

Постојат специфични методи со коишто може да се елиминира лажното злато. Една од најсоодветните проверки е онаа на тежината и димензијата на прачката или златникот. Секој метал има своја специфична густина, па практично не е возможно да се направи лажна прачка што би ги имала истите димензии како вистинската, а во исто време да има иста тежина.

Златниците коишто не се чисто злато се лоша инвестиција

Една од најчестите заблуди со коишто се соочуваат луѓето е дали е подобро да се купи златник изработен од чисто злато или со понизок процент на злато. Се работи за заблуда, бидејќи точно се знае колку злато содржи секој златник и неговата цена се формира исклучиво на присуството на злато во тој златник.

Златото е лоша инвестиција бидејќи има голема разлика меѓу куповната и продажната цена

Разликата меѓу куповната и продажната цена на златните прачки или златници може да биде поголема од 10%, што е многу. Поради тоа, прачките од еден грам не се добра инвестиција. Но, таа разлика кај производи од инвестиционо злато со тежина од една унца е околу три до четири отсто, додека кај прачките од еден килограм само два до три отсто.

Златото е лоша инвестиција бидејќи не носи камата

Многу финансиски и инвестициони советници сметаат дека златото е лоша инвестиција бидејќи не носи никаков принос, како што е камата или дивиденда. Точно е дека златото не носи камата, но заблуда е дека поради тоа е лоша инвестиција. Податоците сепак покажуваат дека златото ја задржува својата куповна моќ иако не носи камата.

Фото: Pixabay