Забрана за купување руско злато и блокада на Сбербанк

47

Новиот седми пакет европски санкции против Русија треба да стапи на сила на 21 јули, објави чешкото ротирачко претседателство со Советот на ЕУ. Санкциите ќе бидат одобрени во писмена процедура, а почетокот на нивната примена ќе биде можен по објавувањето во официјалниот документ на ЕУ.

Според европски извори и медиумски извештаи, седмиот пакет антируски санкции вклучува забрана за купување злато од Русија во форма на полупроизводи и отпад, пренесe ТАСС. Одредени категории ќе бидат додадени на листата на стоки и технологии со двојна употреба.

Уште 48 руски граѓани и организации ќе се најдат на „црната листа“ на Европската унија. Санкциите вклучуваат и објаснувања за ограничувањата на финансиското работење. Одлуката ќе ги прошири сите санкции кои се во моментов против Русија, кои ЕУ ги воведе за да ја казни Москва за воената операција во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека седмиот сет европски санкции против Русија е несоодветен.

„Ова не е доволно и тоа искрено им го кажувам на моите партнери. Русија мора да почувствува многу повисока цена за војната за да ја принуди да бара мир“, изјави украинскиот претседател.

Седмиот пакет санкции на ЕУ се нарекува пакет „одржување и прилагодување“, бидејќи покрај забраната за увоз на руско злато и замрзнувањето на имотот на Сбербанк, предвидува и укинување на одредени санкции.

Станува збор за одмрзнување на сметките на неколку големи руски банки, што треба да ја олесни трговијата со храна и ѓубрива.