Забрана за работа од еден месец за компанијата одговорна за загадување на воздухот во Кочани

86

Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека на 8 ноември донел решение со кое се забранува работата на правниот субјект Пејпар Мил од Кочани, заради континуирано надминување на граничните вредности за дозволени емисии на загадувачки супстанци во отпадните гасови што излегувале од котларата на оваа компанија.

Како што се наведува во денешното соопштение на Државниот инспекторат за животна средина, решението за забрана е во рок од 30 дена и во овој период од издавањето на решението за забрана за работа, Пејпар Мил е должен да ги отстрани недостатоците кои предизвикуваат загадување на воздухот со јаглероден моноксид над дозволените граници и за тоа да го извести инспекторатот.

“Доколку во предвидениот рок не се постапи според упатствата од решението на Државниот инспекторат за животна средина за забрана за работење, против правното лице ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна потапка и ќе продолжи забраната за работа“, се посочува во соопштението.

Државниот инспекторат за животна средина ова решение го донел во согласност со своите надлежности и како резултат на засилените контроли што се вршат во овој период, како и врз основа на реакциите на граѓаните на Кочани кои укажаа дека оваа компанија влијае врз загадувањето на воздухот во градот.