Да не навлегуваме филозофски во темава, за тоа што значи успех, но генерално е прифатено дека кога ќе споменеме, дека некој направил успех или е успешен, мислиме на тоа дека тој или таа успеале да постигнат некоја повисока цел, намера. Кога велам успех, мислам повеќе и на некој регионален или интернационален успех. Успех кој не може секој така лесно да го оствари. Успех на некој спортист, актер, претприемач или кој било друг професионалец којшто успеал да се истакне од мнозината и да постигне несекојдневен резултат.
Кога ќе видиме или прочитаме за некој што постигнал таков успех, кај нас се развива чувство на восхит, позитивна емоција, поддршка или можеби се развива негативна емоција, љубомора и завист. Како тие го постигнале тоа, а ние не!? Можеби некој, кој чита мотивациски пораки, ќе си рече “можеби треба повеќе да сонувам, бидејќи мудрите велат, ако сонуваш повеќе, поголеми се шансите да ти се остварат соништата”.
Некои луѓе сонуваат за успех, додека, пак, други се будат и работат напорно за него – Наполеон Хил (автор)
Само со сонување ништо не се постигнува. Ако не се измачиме, откажеме, жртвуваме за голем дел од нашата слобода, желби и уживање, тешко да постигнеме каков било успех.
Кога ги гледаме успешните луѓе, ние само го гледаме нивниот краен резултат, врвот на планината. Но, она што е во заднина и што тие сè направиле за да го постигнат тој резултат, никој не го гледа и не го зема предвид. За да постигнеме некој поголем успех потребно ни е: детерминација, пасија, труд, дисциплина, соочување со стравови, храброст, жртва, непреспиени ноќи, болка, постојана надоградба, планирање, трпение, пот, мотивација, загуба, издржливост, психа, однос со другите, тага, тактичност, фокус, тренинг, тренинг, тренинг и многу други работи.
Можеби познати ви се приказните за некои успешни луѓе што постигнале нестандардни резултати во нивниот живот, но еве да напоменеме некои од нив:
Џ. К. Ролинг (авторка на Хари Потер) – самохрана мајка која живеела од социјална помош. Немала пари да ги копира примероците што ги праќала до издавачите и морала самата да ги препишува сите копии. Била одбивана 15 пати од издавачите, во рок од 2 години. На крајот, нашла некоја мала издавачка куќа која се сложила да ја издаде книгата, но ѝ рекле да си најде и дополнителна работа, бидејќи никој не живеел од пишување на детски книги. Таа е првиот автор на книги којшто заработил повеќе од 1 билион долари.
Колонел Сандерс (ланец на ресторани KFC) – отворил свој ресторан на 40 години, каде што за прв пат нудел рецепти (храна) од пилешко месо. Го изгубил својот ресторан во пожар. Отворил нов, но морал да го затвори поради почетокот на Втората светска војна. После војната тој пробал да продава франшиза од својот ресторан, со цел да најде партнер со кој ќе може да го шири својот бизнис. Бил одбиен 1009 пати. На возраст од 65 години пробал да изврши самоубиство, бидејќи се чувствувал бесполезен и немал повеќе желба за живот. Денес KFC е втор ланец по големина во светот, со свои 18.000 ресторани во 118 земји.
Џим Кери (актер) – како дете живееле со неговите родители во трејлер (комбе), бидејќи неговите немале пари да си дозволат друго живеалиште. На 10- годишна возраст морал да работи полно работно време (8 ч) после школо, со цел да помогне финансиски на своите родители. Дополнително се борел и со својата дислексија, поради што имал голем проблем на училиште. На 16 г. го откажал школото со цел целосно да се посвети на комедијата-актерството. Во екот на својата популарност, тој потпишувал договори од 20 милиони долари за филм.
Има уште голем број успешни луѓе и нивни приказни кои се навистина за почит. Но, она што ги прави сите нив инспиративни и единствени се сите оние карактеристики погоре споменати во текстот, како и жртвата што тие ја дале за да го постигнат тој успех.
Ако сте подготвени да го одите нивниот пат, тогаш успехот ви е неминовен.
Со успех во промените.