Задолженостa на корпоративниот сектор умерено зголемена во 2021 година

52

Задолженостa на корпоративниот сектор умерено се зголеми во 2021 година, но таа и понатаму останува во умерени рамки и под прагот на ранливост, кој е утврден согласно со пристапот на Европската комисија. Сепак, потребна е внимателност поради продолженото времетраење на пандемијата коешто може да се одрази врз влошување на финансиските остварувања на секторот, посочува Годишниот извештај за финансиска стабилност, кој вчера беше усвоен од Народната Банка.

Овој сегмент се соочи со пад на приходите и намалување на профитабилноста, но мерките што се донесоа како одговор на пандемијата го ублажија притисокот од ликвидносниот шок и спречија негово прелевање врз солвентноста на секторот. Со тоа се намали можноста за остварување на кредитниот ризик во билансите на домашните кредитори, главно банките.

Всушност, корпоративниот сектор и во време на пандемија го зголеми капиталот што поддржа раст на должничкото финансирање без да се зголеми нивото на задолженост изразено како сооднос помеѓу долгот и капиталот (финансиски левериџ). Значителен дел од долгот на компаниите е со валутна компонента и со променливи каматни стапки, што ја нагласува изложеноста на пазарен ризик и на валутен ризик, но тој е ограничен заради стратегијата на стабилен девизен курс, се вели во Извештајот.

Пандемијата со КОВИД-19 останува главен извор на ризици за корпоративниот сектор и во следниот период. Во тој контекст, ризиците се поизразени за субјектите со повисоко ниво на задолженост и кои нема да успеат да го приспособат работењето на условите што ги наметна пандемијата.

Како што е истакнато во усвоениот извештај, меѓусекторската поврзаност на одделните институционални сегменти на финансискиот систем и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво.