Задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, жените ќе може да се пензионираат на 62 години

147

Измените на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање.
Исклучоци во јавниот сектор ќе има за дефицитарни кадри од областа на здравството и во високото образование, но тоа ќе биде регулирано со други закони. Бизнисот бара одредбата за предвремено пензионирање да не важи за реалниот сектор, туку таму да се остави можност прашањето да се регулира договорно меѓу работодавачот и работникот, што е на линија и на предлагачите на законот и на Министерството за труд и социјална политика. Во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пренесува МИА.

Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6000 лица. Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано продолжување на работниот однос.

“Според нашите анализи бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на 2020 година околу 6000 вработени ќе наполнат 64 години. Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после продолжување на наполнување 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година“, велат од групата пратеници кои се предлагачи на законските измени.

Досега на вработените им беше оставена можност да го продолжат работниот однос без притоа да се води сметка дали има потреба од тоа работно место или не. Вработениот доставувал барање и работодавачот морал да му го продолжи работниот однос. Најголем дел од барањата за продолжување на работен однос биле во јавниот сектор.

Ова решение, според предлагачите – група пратеници, ќе овозможи намалување на бројот на јавната администрација. Сепак, потенцираат, за местата кои се потребни, а ќе останат испразнети ќе се отвори можност за вработување млади и квалитетни кадри и ќе се спречи нивното напуштање на земјата.

Исклучоците од законот, односно можноста за продолжување на работниот однос за кадрите во здравството и високото образование, но и со меѓусебен договор на работникот и вработениот во јавниот сектор се прифатливи и за синдикатите и за бизнисот.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека и оваа здравствена криза покажала оти кадрите во здравството се неопходни и оти треба да се овозможи нивниот работен односи да биде продолжен, ако се процени дека е неопходно.

Бизнисот е на став дека решението е добро за јавниот сектор и дека во приватниот треба да се остави регулирањето на работниот однос да се направи во договор и со согласност на вработениот и работодавачот.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека во приватниот сектор има недостиг на работници од различни профили.

Задолжителното пензионирање на работниците на 64 години нема да важи за приватниот, туку само за јавниот сектор, посочуваат од МТСП.

Тоа е закон кој што ќе ги вклучува сите вработени во јавниот сектор и ќе остава можност и за исклучок во реалниот сектор, каде работникот и работодавачот со заемен интерес би се договориле за продолжување на работниот век, велат оттаму.

Со измените на Законот за работни односи се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано. Но, ова прашање е регулирано и во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во кој согласно член 18 се вели дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

За исплата на пензии годинава ќе бидат потрошени над 900 милиони евра, а следната година се планирани над една милијарда евра. И покрај стабилизацијата за редовна исплата на пензии Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија дополнително се субвенционира од Буџетот. Вкупните приходи на Фондот минатата година изнесувале 75.915,53 милиони денари, или околу 1 милијарда и 250 милиони евра. Од нив изворни приходи (придонес од плата, бенефициран стаж, придонес од физички лица кои самостојно вршат дејност и вработените кај нив, придонес од индивидуални земјоделци и Агенцијата за вработување) се 41.927,10 милиони денари, или околу 680 милиони евра. Од Буџетот Фондот лани добил 29.098,22 милиони денари или околу 500 милиони евра. Фондот имал и приходи од 39,02 милион денари од дивиденда и продажба на акции и удели и 4.472,58 милиони денари од други приходи, а 1.378,61 милион денари од акцизи.

Расходите за исплата на пензии во 2019 година изнесуваат 56.318,10 милиони денари, или 77,02 % во однос на вкупните расходи што изнесува нешто околу 900 милиони евра. За придонесот за здравствено осигурување на корисниците на пензија во 2019 година се исплатени средства во износ од 7.437,42 милиони денари, или 10,17 % во однос на вкупните расходи. Трансферот на средства за приватните пензиски фондови во 2019 година изнесува 8.861,58 милиони денари.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика стапка на невработеност од 16,7 %е евидентирана во вториот квартал од оваа година. Според објавените податоци бројот на невработени во овој квартал изнесува 159.623, додека бројот на вработени 793. 416. Во земјата има 953. 039 активни граѓани.

Фото:Pixabay