Задоволство на работа

175

smajli-pixabay

Фото: Pixabay

Влезени сме во некоја апатија и по улиците „шета“ многу незадоволство. Сè некој се жали за нешто и за некого. Сè помалку луѓе се насмеани и расположени, како што напиша и Горан во неговиот претходен совет на неделата.

Ете, нема да зборуваме како е во приватниот живот, ама големо е незадоволството и од службеното наше бидување. На работа, сите се нешто незадоволни од работата. Најстрашно од сè е што нивниот број од ден на ден расте. Тоа само ја потврдува статистиката (на светско ниво) која ја читав пред некој ден, а која вели дека 1 од 5 луѓе се незадоволни од својата работа или се незадоволни на работа.

Бидејќи поминуваме поголем дел од денот, па да не кажам и животот на работа, треба да бидеме свесни дека тоа незадоволство го пренесуваме дома, со пријателите при дружбите итн. Поттикнат од тоа, но и последиците што може да си ги имаме самите ние од незадоволството на работа, би сакал да споделам со вас неколку совети како да уживате таму каде што сте:

промена на работно место – на друга работа да не одите, туку променете го моменталното работно место или позиција со некое друго или во друга канцеларија. Ако не треба да прашате, направете го тоа веднаш, но ако треба да прашате, па прашајте, што чекате?

дружба со колеги –  не се дружете со негативци. Тие само дополнително ви ја отежнуваат и вака тешката ситуација. Постепено намалете го времетраењето на дружењето со нив, за разлика од тоа, дружете сè повеќе со попозитивни луѓе.

барајте повеќе од она што го сакате – сигурно има некои работи што сакате да ги работите на моменталното работно место. Побарајте повеќе од тие задолженија. Гледајте да не претерувате, но намалувајте го бројот на работи што не ги сакате (веднаш да бидеме на чисто, не може да работите само тоа што сакате).

самосвесност – бидете свесни за ситуацијата во која сте. Доколку имате можност да менувате работа, тогаш веднаш сменете ја, во спротивно, прифатете ја моменталната ситуација и дајте максимум од себе.

промена на претпоставен – доколку мислите дека можете тоа да го направите, а пречка ви е вашиот моментално претпоставен, тогаш побарајте да ве стават во некој друг оддел или проект. Смислете убаво како ќе го направите тоа, така што никого да не нападнете, а сепак да излезе дека треба да ве „прекомандуваат“

работете си ја работата повеќе од тоа што се бара од вас – можеби ќе ви звучи спротивно од она што го споделувам со вас, но има студии во кои се вели дека ако си ја работите работата од 9 до 17 со дооооолги паузи за ручек, всушност уште повеќе влегувате во негативниот ритам. Дајте максимум од вас, истражувајте повеќе за она што го работите, извршувајте ги работите квалитетно, учете секој ден нешто ново…

помош на колегите – помагајте им на колегите, но не ја запоставувајте вашата задача. Со тоа си го исполнувате денот, се исполнувате себеси, колегите ќе ве ценат, но најважно од сè, вие ќе се чувствувате поубаво.

проактивни – бидете проактивни на состаноците, давајте идеи (може да давате само ако употребите некои од претходните совети), приклучувајте се на повеќе тимови на работа, давајте идеи за подобрување на работата, немојте да се откажувате, ако не ви ги прифаќаат идеите.

Верувајте, да имплементирате само неколку од овие или други совети, ќе ви биде подобро. Немојте да сте негативни на сè околу вас, па и на вас самите. Тоа се одразува како на вас, така и на вашите најблиски. Не се тие должни да ве трпат поради тоа што вие не сте задоволни. На крај, ако не ја бива работата, подобро одете си отколку таа да ве уништува уште повеќе.

Со успех во промените.