Заеднички Агенцијата за туризам и ОФМ ќе промовираат спортски туризам преку Европското првенство во одбојка 2023

33

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски и генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), г-дин Зоран Карановиќ денес потпишаа Меморандум за соработка.

Склучениот Меморандум e во полето на развој на спортскиот туризам и заедничка промоција на Европското првенство во одбојка 2023 (мажи), натпреварите во група „Цe“ ќе се играат во Скопје во период од 30-ти август до 6-ти септември 2023 година.

“Спортскиот туризам е уште еден начин на патување кој станува сè попопуларен во светот. Луѓето се почесто патуваат за некој спортски настан на неколку дена и ги искусуваат туристичките понуди и атракции кои им ги нуди дестинацијата. Во таа насока и главните активности во периодот што следи ќе бидат насочени кон организирана промоција и поголема регионална и европска видливост на претстојното Европско првенство во одбојка 2023 (мажи). Ќе мотивираме што поголем број на гости кои освен што ќе ги следат натпреварите, ќе имаат и можност да ги истражат и убавините на градот Скопје. Очекуваме голем број на Холанѓани, Данци, Црногорци, Полјаци и Чеси да го посетат главниот град, да доживеат незаборавни моменти пред, за време и по натпреварите. Агенцијата за туризам на претстојниот саем во Берлин ќе започне со промоција на Европското првенство во одбојка 2023, односно натпреварите во група „Цe“ кои ќе се играат во Скопје. Во периодот што следи ќе имаме состаноци со тур оператори и хотелијери за да пружиме максимална организираност за сите љубители на овој спорт. ”,-изјави директорот Јаневски.

Во групата „Ц“ во Скопје, македонските одбојкари играат со светскиот одбојкарски моќник Полска, со Холандија и Чешка, кои се почитувани репрезентации со висок рејтинг, како и со Данска и со Црна Гора. Токму со нив ќе почне натпреварувањето во арената „Борис Трајковски“ од 30-ти август до 6-ти септември годинава.

Идејата за зедничка соработка на ОФМ и Агенцијата за туризам е овој настан да добие туристички аспект, односно да се привлечат што поголем број на странски навивачи кои ќе ја посетат нашава земја во периодот додека се одржуваат натпреварите. Целта е на домашните и странските гледачи да им овозможиме цеокупно уживање во елитна одбојка, а во тие рамки да им ја претставиме земјава како атрактивна спортско-туристичка дестинација.

“Посебна чест и задоволство е што денес потпишавме Меморандум за соработка со Агенцијата за туризам, како државна институција која дава официјална и сериозна поддршка на Одбојкарската федерација на Македонија и на европскиот настан што не чека во месеците агуст и септември. Добро е што тргнавме од буквата “А” и се надевам дека и останатите институции ќе се вклучат за да од најдобра можна позиција го претставиме нашиот град, државата и овој спортски настан што не чека ова лето”, – изјави г-дин Зоран Карановиќ.