Фото: Pixabay
Секојдневно слушам како се жалиме дека економијата не ни била добра, примањата не ни се добри, патиштата не ни се добри, дека на работа не ни е добро, дека колегите не не сакаат, дека менаџерите не тормозат итн. итн.
Сакале ние да признаеме или не, заглавени сме во момент. Да биде уште пострашно, не сакаме да се одглавиме. Доаѓаат странци и само прашуваат: – Добро, зошто е ова вака? А ние само се правдаме дека е поради ова или поради она…, но никако да кажеме дека зависи од секој од нас индивидуално. Од секој од нас зависи дали ќе одиме напред или ќе си останеме тука и ќе обвинуваме некој друг за оваа ситуација (која и да е таа) и ќе си продолжиме да се жалиме за сè и сешто.
Сакам да споделам неколку идеи како да излеземе од оваа ситуација, а за кои не малку пати сме говореле и сме пишувале:
- Едукација – ДЕНЕС ЕДУКАЦИЈАТА Е ПОПРИСТАПНА ОД КОГА БИЛО ДО СЕГА ВО ВАШИОТ ЖИВОТ. Само треба да сакате да се едуцирате затоа што само треба да одите на интернет и да напишете тоа што ве интересира и ќе ви се кажат многу работи. Со едукација ќе добиете нови видици, нови знаења, нови предизвици.
- Самосвесност – прво да си признаете дека сте заглавени во момент и дека никако не можете да се одглавите. Тоа ќе го сознаете откако ќе увидите дека само кукате, а ништо не правите да се промени сето тоа. Едноставно нели, само треба да сте свесни?
- Заборавете на минатото – најголема пречка ни предизвикува минатото и „убавиот“ живот којшто тогаш сме го имале. Е, па минато е минато и затоа треба да го заборавиме.
- Преземете ризик – никој од нас не сака да презема ризик, па затоа и сме во овој момент. Излезете од сигурната зона. Почнете со мали ризици и пополека зголемувајте ги. Размислете што ве радува или што ве прави среќен и направете го тоа.
- Инвестирајте во себе – најчеста причина што сме заглавени е тоа што многу малку инвестираме во себе. Почнете да живеете друг живот. Друг начин на храна. Друг начин на облекување. Друг начин на размислување. Друг начин на гледање на работите…
- Споредување – обично знаеме да се споредуваме со другите, па ако веќе го правите тоа, правете го со некои кои, според вас, се успешни и сакате да бидете како нив. Но, немојте тоа да ви биде императив во животот, па ако не успеете, повторно да се разочарате.
- Лидер без титула – имам еден интересен концепт на бидете најдобри во она што го правите… бидете лидер сам на себе, а не за другите… со тоа што ќе бидете лидер сами за себе, ќе видите дека тоа ќе влијае и на другите (несомнено е тоа).
- Новости – секој ден правете нешто ново. Добро, немојте веднаш да започнете и секој ден, но барем еднаш на две недели. Сменете ја рутата по која одите дома или на работа или каде било. Направете какви било новости во вашиот живот, во вашата работа. Сменете ги рутините и работите што ги правете рутински.
Како што може да видите има мал милион работи коишто може да ги направите и пополека да се одглавите и да се одглавиме од моментот во кој сме заглавени. Ако вие се одглавите од овој момент во кој сте моментално, не сте ни свесни колку сè луѓе ќе повлечете со вас… тргнете само од тие што се околу вас, во моментов додека го читате овој совет на неделата!
Со успех во промените.