Загрепска берза потпиша договор за преземање на Љубљанска берза

24

zse

Загрепска берза (ZSE) потпиша договор за преземање на Љубљанска берза (LJSE) со стекнување на 100% акции од групацијата CEE Stock Exchange Group CEESEG. Кон крајот на јуни 2015 година, ZSE е избрана како потенцијален преземач на LJSE и влезе во ексклузивни преговори со CEESEG. По одобрување од страна на регулаторните тела во двете земји и спроведување на потребната докапитализација на Загрепска берза, се очекува трансакцијата да биде реализирана во последниот квартал од оваа година. Двете страни се согласија дека нема да ја објавуваат цената на преземањето, стои во соопштението објавено на Загрепска берза.

Виенската берза, сопственик на Љубљанска берза и Загрепска берза потпишаа и писмо со намери со цел остварување партнерство во технолошки смисол, што на Загрепска берза би и овозможило користење на платформата за тргување Xetra.

Како што пишува во соопштението, планирано е вклучување на LJSE во SEE LINK, проект чии иницијатори се Загрепската, Бугарската и Македонската берза, со финансиска поддршка на ЕБОР, а чија имплементација се очекува на почетокот на 2016 година.

Виенска берза ја купи Љубљанска берза во 2008 година за 47 милиони евра.