Загрепски „Institut IGH“ потпиша договор во С. Македонија за 22,6 милиони евра

12

„Institut IGH“ потпиша договор во Северна Македонија за услугите на стручен надзор и правен совет за изградба на паневропски транспортни коридори VIII и Xd, во вкупна вредност од 22,6 милиони евра, соопшти компанијата, цитирана од „Индекс“.

Договорот стана валиден денеска, 3 август, а го потпиша загрепскиот „Institut IGH“, како водечки партнер, во конзорциум со Институтот за патишта и Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија.

Работата се однесува на услугите на стручен надзор и правен совет за изградба на споменатите паневропски транспортни коридори во Северна Македонија. Според огласот објавен на веб-страницата на Загрепската берза, вкупната вредност на договорот е 22,6 милиони евра (без ДДВ), додека учеството на „Institut IGH“ е 8,7 милиони евра (без ДДВ). Времетраењето на договорот е 58 месеци, при што првата фаза опфаќа преговори, проектирање и извршување во траење од 46 месеци, а втората фаза е гарантен рок од 12 месеци.