Германска Commerzbank во вториот квартал од оваа година прикажа загуба од 527 милиони евра, во однос на добивката од 183 милиони евра во истото тримесечје лани.
Негативниот финансиски резултат е последица од актуелното реструктуирање на банката и отпис на еден аутсорсинг проект, пренесува Ројтерс.
Во настојувањето да “заврти нов лист“ и да се врати на профитабилна работа со новиот главен извршен директор Манфредо Кноф, Commerzbank започна реструктуирање од две милијарди долари што вклучува затворање на неколку стотици експозитури и затворање 10.000 работни места.
“Спроведувањето на оваа стратегија е на добар пат“, рекол Кноф, додавајќи дека банката е спремна да донесе тешки одлуки, “доколку е потребно“.
Аналитичарите проценуваат дека Commerzbank, којашто уште со еден дел е во сопственост на државата по основа на спасувачкиот пакет помош што го доби за време на финансиската криза пред повеќе од една деценија, ќе ја заврши целата 2021-ва година со загуба.
Минатиот месец, банката најави дека ќе се откаже од проектот за пренос на порамнување на хартии од вредност на НЅВС, а тоа ќе резултира со отпис на 200 милиони евра во второто тримесечје од фискалната година.
Приходите на банката во периодот април – јуни оваа година изнесуваат 1,86 милијарди евра, што е пад од 18,1% во однос на минатата година, додека оперативните трошоци се зголемија на 1,7 милијарди евра во однос на 1,53 милијарди евра една година претходно.
Фото: Facebook