Загубите од крипто-хакирања скокнаа за 60%

64

Загубите од хакирањето на системите за криптовалути скокнаа за речиси 60% во првите седум месеци од годината на 1,9 милијарди долари, се вели во блог пост на аналитичката компанија Chainalysis. Во истиот период минатата година, украдените средства од хакирање изнесуваат 1,2 милијарди долари.

Chainalysis забележа дека трендот веројатно нема да се промени наскоро, со оглед на хакирањето на Nomad во вредност од 190 милиони долари и кражбата на 5 милиони долари од неколку паричници на Solana неодамна во првата недела од август.

„DeFi протоколите се уникатно ранливи на хакирање бидејќи нивниот отворен код може лесно да се истражи од сајбер-криминалци кои бараат пропусти, а можно е и желбата брзо да се дојде до пазарот и да се постигне раст да доведе до пропусти во најдобрите безбедносни практики“, вели Chainalysis на својот блог.

Голем дел од средствата украдени од DeFi протоколите може да се припишат на „лошите актери“ поврзани со Северна Кореја, особено на елитните хакерски единици како Групацијата „Лазарус“, смета американската фирма. Таа проценува дека групите поврзани со Северна Кореја украле околу 1 милијарда долари криптовалути од DeFi протоколите досега оваа година.

Во однос на крипто-измамите, компанијата за истражување на блокчејн објави остар пад од 65% до јули – во согласност со падот на цените на дигиталните средства. Вкупниот приход од измами во годината до јули изнесуваше 1,6 милијарди долари. Ова е за 65% помалку од истиот период минатата година.

„Измамата е намалена главно поради падот на криптовалутите, но и поради многуте успеси на органите за спроведување на законот против измамниците, како и решенијата за производи кои берзите може да ги користат за борба против измамите“, прокоментира Ким Грауер, директор за истражување во Chainalysis.