Фото: Pixabay
Пред некој ден поминував преку бул. „Партизански одреди“. Бевме повеќе пешаци и културно си чекавме да се запали зелено светло за пешаци и да преминеме на другата страна. Што е право, немаше ниту една кола на улицата, но наеднаш од некаде истрчаа двајца млади дечки и си ја поминаа улицата на црвено. Не само што поминаа, туку ни се изнасмеаја и нас што чекавме. Дури едниот и искоментира дека ние што стоиме и чекаме сме биле кретени. Нормално, мене веднаш ми дојде нервоза и желба да му ја „учукам” една, но потоа размислив. Нема ниту еден автомобил на булеварот и дали можеби ние сме навистина кретени што чекаме?!
Каде го гледам проблемот на ова правило за регулација на сообраќајот. Сигнализацијата за пешаци е решена на тој начин што, прво чекаш зелено и ја поминуваш едната страна. Потоа, чекаш пак уште некоја минута, за да се запали зелено за пешаци и ја поминуваш и другата половина од булеварот. Тоа трае неколку минути, и доколку условите надвор се непријатни, нема да ти биде баш убаво да си пешак (понекогаш чекаш на 40° или -10°).
Мое мислење е дека ова се случува поради предноста што ја добиваат возачите во однос на пешаците. Со цел возачите да фатат „зелен бран”, пешаците чекаат. Ова може да се реши со додавање на копче за пешаците за менување на сигнализацијата, кога нема автомобили на улицата, или менување на хиерархијата на целосниот сообраќај во градот. Наместо најголема предност да имаат автомобилите, потоа автобусите, пешаците и на крај велосипедистите (мое мислење, не мора да е точно), првенство да имаат пешаците, потоа велосипедистите, автобусите и на крај автомобилите. Нормално, за да се донесе правилна одлука мора да се земат ефектите на оваа или на која било друга хиерархија, над сите аспекти на живеењето на локалното население.
АНКЕТА: Дали треба да се промени правилото на предност во сообраќајот? (да им се даде поголема предност на пешаците)
Вашите одговори и предлози, што може да се направи за да се подобри ситуацијата, испратете ги на адресата од каде што ги примате овие пораки [email protected]. Доколку повеќето сметате дека треба, јас ја преземам иницијативата да одам во Град Скопје и да поднесам барање (и предлог решенија) за подобрување на сообраќајната култура во градот. И да се надеваме дека помалку жртви ќе има од некултурни возачи
Кога ќе ги слушнеме зборовите „закон, правило, процедура”, ни звучат многу грубо, ригидно, матрица, шема итн. Тоа е точно, но доколку не постојат во една држава, компанија, институција, фамилија, па дури и единка, не може да мислиме дека кој било систем може да функционира. Ако секој прави што сака, страшно може да биде. За да работи ефикасно и продуктивно еден тим, една канцеларија, една компанија, мора да постојат правила и процеси на работење. Тоа ја намалува креативноста и способноста за донесување брзи и правилни одлуки во тешки моменти, но го регулира и го насочува целокупното работење на кој било систем. Во секој случај, една компанија доколку сака да работи најоптимално, мора да постави некаков баланс помеѓу овие две крајности.
Кај нас, во нашата фирма велиме „80% ќе работиме според правила и прописи, а 20% е оставено на креативноста на индивидуалецот”. Засега добро оди, но не можам да кажам дека секаде е апликативна оваа политика на работење.
Правила, прописи и закони во компанија. Секојдневно вработените се изложени на сè повеќе регулативи, процедури и слично, а од нив понекогаш вработените „полудуваат“. Знаеме дека значењето на сите тие правила и процедури е огромно, но доколку сакаме да ја подобриме атмосферата во компаниите и ефикасноста на тимот, мора да ги релаксираме или адаптираме некои од тие правила и прописи.
Затоа, со цел да си го подобриме и да си го олесниме работењето и живеењето, советот е да ги направите овие 3 чекори:
- Дефинирајте ги вашите најважни процеси и процедури на работење и анализирајте кои од нив се пофлексибилни и дозволуваат адаптација.
- Знаење – научете (книги, семинари, консултанти, донатори, државни институции…) како може да ги направите подобри, поефикасни, олеснети и забавни за имплементација на тимот.
- ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА – кралицата. Ако ги имплементирате овие 3 чекори, вие ќе бидете во 2% од компаниите во светот (го измислив ова, но го донесов како констатација земајќи ги предвид моето теоретско и практично искуството работејќи со многу компании, тимови и индивидуалци).
Со успех во промените.