Закрепнување на светскиот туризам дури во 2024 година

79

Закрепнување на туризмот ширум светот и достигнување на нивото од времето пред пандемијата не се очекува пред 2024 година, соопшти денеска Светската туристичка организација.
Високо заразната омикрон варијанта на корона вирусот ќе го „наруши закрепнувањето“ на почетокот на 2022 година по минатогодишниот раст од четири отсто во споредба со 2020 година, соопшти организацијата на ОН со седиште во Мадрид.

Приходите од туризмот во 2020 година биле за 72 отсто помали отколку во 2019 година, последната година пред почетокот на пандемијата, објави АФП.

„Темпото на закрепнување е сè уште бавно и нерамномерно во светските региони поради различните нивоа на ограничувања на мобилноста, стапката на вакцинација и самодовербата на патниците“, се наведува во соопштението.

Во Европа и Северна и Јужна Америка бројот на странски посетители минатата година се зголемил за 19, односно 17 отсто во однос на 2020 година.

На Блискиот Исток, бројот на пристигнувања падна за 24 отсто во 2021 година, а во азиско-пацифичкиот регион беше за 65 отсто помал од 2020 година, а дури 94 отсто помал од пред пандемијата.