
По заминувањето на „Нисан“ од Русија, работата продолжи. Руската компанија за производство на автомобили „АвтоВАЗ“ започна со производство на автомобилот „лада“, модел X-Cross 5 (Lada X-Cross 5) во поранешната фабрика „Нисан“ во Санкт Петербург.
Lada X-Cross 5 е урбан кросовер со погон на предните тркала опремен со турбо мотор со 160 коњски сили и 7-брзински автоматски менувач.
Автомобилот има панорамски покрив, паметни безбедносни системи ADAS (контрола на замор на возачот, предупредување за напуштање лента, адаптивно префрлување на долго светло, сеопфатни системи за видливост, итно сопирање и сл.), мултимедијален систем – соопштија од компанијата „АвтоВАЗ“.
На свечената церемонија на почетокот на производството присуствуваа министерот за индустрија и трговија на Русија Денис Мантуров, претседателот на „АвтоВАЗ“ Максим Соколов и гувернерот на Санкт Петербург Александар Беглов.
„АвтоВАЗ“ ќе го произведува споменатиот модел „Лада“ заедно со кинески партнер, но официјално не е соопштено за која компанија се работи.
Како што објасни извршниот директор на фабриката „Лада Санкт Петербург“ Сергеј Захарченко, во производството ќе се користи опремата што ја користи „Нисан“, која беше модернизирана за лансирање на новиот модел „Лада“.
Почетокот на продажбата на автомобили е планиран за третиот квартал од 2023 година, пренесе Б92.











