Најголемиот бизнис настан во регионот 29. Копаоник бизнис форум, годинава се враќа во стариот формат и ќе се одржи од 6 до 9 март 2022 година во „Гранд Хотел Копаоник“, на Копаоник.
Огромното значење што Копаоник бизнис форум со години наназад го има за регионот се огледува и во овогодинешната програма во која една третина од панелите е посветена токму на регионот Западен Балкан и неговиот потенцијал за понатамошен раст и развој.
Главните теми на кои ќе разговараат учесниците на „Српскиот Давос“ се: зајакнување на соработка на земјите во регионот, зелената транзиција и одржливиот развој. Ќе се разменуваат искуства и планови за актуелните прашања за социјален и економски развој, за образованието, здравството, дигитализација како и агендата за одржлив развој.
„Јануарскиот извештај на Светска банка за целиот регион на Западен Балкан предвидува умерен раст од 4.1% во 2022 година. Со проектираниот раст се предвидува стапката на сиромаштија во регионот на Западен Балкан да го продолжи трендот на опаѓање. Меѓутоа, вкупните позитивни изгледи за регионот и понатаму се врзани со ризиците од можното враќање на рестрикциите врзани со пандемијата, а следствено на тоа и исцрпување на фискалниот простор и порастот на нивото на јавниот долг“, вели Александар Влаховиќ, претседател на Советот на економисти – Србија. Тој додава и дека политиките на земјите од Западен Балкан треба да се фокусираат на решавање на клучните структурни препреки за отворање на нови работни места и економска трансформација. Тоа подразбира кревање на вкупната продуктивност на стопанството, унапредување на квалитетот на независните институции кои го регулираат пазарот, како и создавање еднакви услови за сите учесници на пазарот.
На претстојниот Копаоник бизнис форум, една од клучните теми ќе биде неопходноста од зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан како предуслов за одржлив раст и развој на целиот регион.
„Земјите од Западен Балкан се соочуваат со неминовна зелена транзиција. Влијанието на климатските промени, загадувањето и егзистенцијалните еколошки кризи ги менуваат темелите на економските активности, изборот на потрошувачи и однесувањето на инвеститорите. Зелената транзиција е долгорочен процес кој воопшто не е лесен меѓутоа, и покрај бројните предизвици, нуди можности за Западен Балкан, особено преку користење на инструментите за претпристапна помош (ИПА) кои ги обезбедува Европската унија за земјите-кандидати. Ефикасното управување со зелената транзиција и неопходните политички компромиси несомнено ќе бидат во фокусот на економските политики на земјите од Западен Балкан во годините кои доаѓаат“, констатира Влаховиќ.
Во програмата на 29.Копаоник бизнис форум предвидени се триесетина панел дискусии на кои ќе учествуваат директори на меѓународни финансиски институции како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светска банка (СБ), Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Европска инвестициона банка (ЕИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (МФК), како и сите претставници на стопанските комори на земјите од регионот.
Копаоник бизнис форум е организиран од Сојузот на економисти на Србија во партнерство со компанијата „Мастеркард“.
Регистрацијаta на учесници е во тек преку веб порталот www.kopaonikbusinessforum.rs.
Од учесниците на форумот, при самата регистрација ќе се бара доказ за целосна вакцинација или прележан Ковид во изминатите 6 месеци. Валидната потврда, односно доказот за вакцинација треба да ги содржи следните информации: доказ за примена трета доза или да не се поминати повеќе од 6 месеци од примање на втората доза, за сите вакцини кои се достапни во Република Србија.