Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорите на Фондот за иновации и технолошки развој, Kоста Петров, на Дирекцијата за технолошкко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески, присуствуваа на презентацијата на концептот за креирање на првиот AI (artificial intelligence) дигитален асистент за државна помош во регионот, којшто е избран како најдобар на јавниот повик кој го објави ФИТР, а кој беше презентиран од страна на претставникот на компанијата која ќе го реализира проектот, домашната ИТ компанија, Кодвел (CodeWell).
Проектот којшто е наречен „CodeWell AI дигитален асистент” базиран на вештачка интелигенција, е оценет во конкуренција на три проекти, како најиновативната идеја, за создавање дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој ќе се користи за потребите на програмите за државна помош, а ќе се имплементира во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Фондот за иновации и технолошки развој. Средствата за реализација на овој проект, во вкупен износ од 9 милиони денари се обезбедени од буџетот на Фондот и претставуваат 100% поддршка од вредноста на проектот.
Вицепремиерот Битиќи и директорите Петров, Деспотовски и Павлески едногласно се согласија дека оваа дигитална алатка ќе ја подобри уште повеќе транспарентноста на институциите и ќе ја олесни комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите за мерките за државна помош.
Дигиталниот асистент базиран на вештачка интелигенција ќе биде способен да ги дава потребните услуги на три јазици: македонскиот (на кирилица и латиница), албанскиот и англискиот јазик на ниво на човек, а граѓаните и потенцијалните странски инвеститори ќе можат да разговараат со асистентот преку разменување на текстуални пораки, на било кој од овие три јазици. Тој ќе биде достапен 24/7 и ќе може да услужува неограничен број на корисници истовремено. Ќе биде достапен на интернет, Фејсбук месинџер и на Вибер. На тој начин ќе биде подеднакво добар и за оние корисници кои не се толку умешни со технологија, бидејќи се што треба да направат е да прашаат за тоа што им е од интерес без притоа да ја напуштат омилената апликација за електронска комуникација која веќе ја користат.
Се очекува дека со воведување на дигиталниот AI асистент до 80% ќе се автоматизираат сите интеракции со корисниците, што ќе придонесе до голема заштеда на ресурси, проактивна комуникација со граѓаните, намалување на метежот во институциите, како и поефикасни и поефективни процеси, услуги и зголемување на продуктивноста на вработените.
Според јавниот повик, имплементацијата на проектот може да биде во времетраење од вкупно 24 месеци: 12 месеци за развој и имплементација и 12 месеци за одржување и надградба.
Присутните се согласија дека употребата на вештачката интелигенција за различни услуги и производи е особено важна и заклучија дека ваквите дигитални АИ асистенти во голем број земји веќе се сегашноста, а не иднината.
Директорот на ФИТР, Коста Петров, во насока на активностите кои ги спроведува Фондот, за поддршка на дигитализацијата, информираше дека наскоро ќе започне и дигитализација на картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков, а во 2022 година веќе се планирани активности од областа на АИ и поддршка за дигитализација во разни индустрии.
Компанијата која ќе го реализира проектот, Кодвел (CodeWell AI – www.codewell.ai) е дел од серијата на Conversational AI технологии, кои се подготвени да направат револуција во канцелариската работа на начин на кој роботите направија револуција во производството и има богато портфолио на проекти поврзани со информатичко-комуникациски алатки и апликации, како и вештачка интелегенција.
На големото финале на натпреварот „Spotlight 2021, водечка програма во Централна и Источна Европа посветена на технолошки стартапи со висок потенцијал за раст организиран од страна на How to Web, одржано на 24 ноември, македонскиот стартап Кодвел го освои второто место како едно големо признание за успехот на нивната технологија.