Започнува меѓународна конференција ИКТ Иновации 2013

27

На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид од денес до 15 септември ќе се одржува петтата меѓународна конференција ИКТ Иновации 2013, на која ќе бидат промовирани резултати од научни истражувања.

Конференцијата е во организација на  асоцијацијата ИКТ-АКТ, која обединува универзитетски професори по информатика и компјутерско инженерство од Македонија, а поддржана е од повеќето универзитети во земјава и е спонзорирана од поголем број меѓународни ИКТ-компании.

Годинава главна тема на конференцијата ќе биде ИКТ-иновациите во образованието. Ќе се одржат девет сесии, шест работилници, пет комерцијални презентации и една панел-дискусија, а поканети се четворица предавачи од Обединетото Кралство, Шведска и од Србија.

Ќе се избира и најдобар труд кој ќе биде објавен во меѓународно списание со импакт-фактор.

Оваа конференција е единствена меѓународна од областа на техничките науки која редовно се одржува во Македонија. Зборникот на трудови од конференцијата се печати од познатата издавачка куќа Спрингер.

Програмскиот одбор на конференцијата, кој е составен од 222 академски професори од 52 земји, за годинашниот зборник избра  25 најдобри трудови од 85 пријавени на автори од 17 земји.

На отворањето конференцијата ќе се обрати министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.