Започнува програмата на УКИМ за размена на нови бизнис искуства – Booster week

25

Акцелераторот УКИМ за прв пат ќе биде домаќин на група од шестмина професори и седумдесеттина студенти запишани на мастер програма за бизнис и администрација од Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн во Швајцарија.

Програмата за стекнување на нови знаења преку размена на искуства за македонските нови бизниси (стартапи) и студентските тимови од Швајцарија Booster week – Developing Entrepreneurship Together, ja организира Центарот за претприемништво и развој (ЦЕЕД Хаб Скопје) во партнерство со Акцелераторот УКИМ, Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Универзитетот за применети науки и уметности oд Луцерн.

Со оваа програма, ќе отпочне соработката помеѓу двата универзитети која има за цел да го потпомогне развојот на претприемништвото и иновациите кај нас. Македонските стартапи ќе имаат можност да се стекнат со нови знаења и да разменат искуство со гостите од Швајцарија.

На 14-те стартапи ќе им биде обезбедена менторска поддршка за унапредување на нивните бизнис модели и постоечките технолошки решенија. Програмата ќе започне со официјално отварање на 6 мај во 17:00 часот во амфитеатарот на Факултетот за Електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) / Машински факултет.

Постигнатите резултатите ќе бидат презентирани пред професорите од дватта Универзитети на 11 мај во 13:30 часот во Техничкиот кампус на УКИМ.

Свое обраќање на настанот ќе имаат ректорот на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, проф. д-р Никола Јанкуловски, амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Зутер, проф. д-р Рене Зеир од Универзитетот за применети науки и уметности Луцерн и Александар Стамболиев, извршен директор на Акцелератор УКИМ.

Фото: Pixabay