Започнува зимски авио-распоред: Нови дестинации и враќање на повеќе линии од Скопје и Охрид

Нови линии, враќање на стари рути и поголема поврзаност со Европа – тоа го носи зимскиот распоред на летови што стапува во сила овој викенд

Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов. Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании, информираа за МИА од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми.

Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што  ќе трае до крајот на март следната година.
Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел. На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.

Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол, дестинација за која очекуваме многу голема побарувачка. На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.

  • Скопје – Бари и Скопје – Стокхолм (од 27 октомври)

  • Охрид – Базел (27 октомври)

  • Скопје – Мадрид и Скопје – Ларнака (од 28 октомври)

  • Скопје – Прага и Скопје – Келн (од 15 декември)

  • Скопје – Будимпешта и Скопје – Неапол (од 30 март 2026)

  • Охрид – Милано (од 30 март 2026)

  • Скопје – Женева (од 3 ноември, EasyJet)