Заработката на Tesla во третиот квартал 21,45 милијарди долари, но акциите паднаа за пет отсто

Вредноста на акциите на Tesla падна за 5 отсто по објавувањето на најновите квартални финансиски резултати.

Додека пријавените приходи од 21,45 милијарди долари за трите месеци заклучени на 30 септември беа блиску до 21,96 милијарди долари што претходно ги очекуваа аналитичарите, заработката од 1,05 долари по акција беше всушност повисока од прогнозата за 99 центи.

Нето добивката на Tesla за третиот квартал од 2022 година достигна 3,33 милијарди долари, а автомобилската бруто маржа е стабилна на 27,9 отсто, точно на нивото од резултатите од вториот квартал. Во истиот период минатата година, Tesla објави профит од 1,62 милијарди долари.

„Не можам доволно да нагласам дека имаме одлични нарачки за четвртиот квартал и очекуваме да го продадеме секој автомобил што го произведуваме“, се пофали Илон Маск во повикот до инвеститорите. „Фабриките работат со полна брзина, а ние ги одржуваме силните оперативни маржи.

Тесла најверојатно ќе направи „значаен откуп на акции“ следната година, додаде Маск, потенцијално помеѓу 5 и 10 милијарди долари.

Тој, исто така, оптимистички рече дека „далеку можеме да го надминеме Apple во однос на пазарната капитализација на компанијата. Всушност, гледам потенцијален пат за Tesla да вреди повеќе од Apple и Saudi Aramco заедно. Тоа не значи дека ќе се случи или ќе биде лесно“.

„Кина се соочува со еден вид рецесија, главно на пазарите на недвижности, додека Европа има рецесија предизвикана од енергија. Северна Америка е во прилично добро економско здравје, иако ФЕД ги зголемува каматните стапки повеќе отколку што треба, но мислам дека на крајот ќе сфатат и повторно ќе ги намалат“, коментира најбогатиот човек на светот, пренесува CNBC.

Се очекува Маск да продаде дел од своите акции во Тесла за да има готовина за финансирање на договореното преземање на социјалната мрежа Твитер за 44 милијарди долари, што можеби е една од причините зошто акциите на компанијата паднаа и покрај силните резултати.

Приходите од автомобилите на Tesla достигнаа 18,69 милијарди долари, што е 55 отсто зголемување од пред една година.

„Очекуваме да постигнеме годишен раст на испораките на возила од 50 проценти“, рече Маск.

Компанијата пред две недели објави дека нејзините испораки за последниот квартал достигнале 343.000, додека целокупното производство достигна 365.000 возила. Тие податоци за пратката се најблиската приближна вредност на продажбата што ја објави Tesla, а од нејзиното објавување на 2 октомври, акциите паднаа за повеќе од 17 проценти.