Засега нема македонски државјани заболени од корона вирусот во Италија

40

Министерството за надворешни работи, согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Венеција, Италија, информира дека до овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени од корона вирусот, стои во соопштението.

Според последните информации, потврдени се 159 случаи на заразени лица со корона вирус. Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, како што се наведува, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на корона вирусот.

Министерството за надворешни работи препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија – Ромања во овој период. Повеќе информации можете да добиете на travel.mfa.gov.mk.

Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија – Ромања престојуваат околу 23.000 државјани на Република Северна Македонија. Подетални информации околу развојот на состојбите, тие можат да добијат во Генералниот конзулат во Венеција на дежурниот телефонски број + 39 389 5837913 или на мејл venice@mfa.gov.mk.

Фото: Pixabay