Застанете за момент!

47

mob

Фото: Pexels

  • 35% од луѓето, првата работа што ја гледаат наутро е нивниот смартфон;
  • Во просек, на секои 6,5 минути ги проверуваме нашите мобилни телефони;
  • 3 часа и 40 минути ги користиме смартфоните за барање и проверување на информации, не земајќи го предвид времето кое дополнително го користиме за телефонски разговори;
  • 90% од слободното време го користиме на некоја апликација на нашите мобилни;
  • 46% од сопствениците на смартфоните не можат да живеат без нив.

Ова се дел од резултатите добиени од неколку истражувања кои го анализираат влијанието на технологијата на нашите животи.

Застанете за момент и размислете колку пати денес, утрово, го исклучивте алармот на вашиот мобилен телефон со надеж дека ќе се вклучи нов и нема да заспиете повторно? Колку пати додека одевте накај работа проверувавте мејлови, омилени портали и апликации? Или, колку пати кога бевте излезени со вашите најблиски или бевте на некој бизнис состанок, го „чепкавте“ вашиот мобилен, затоа што немавте веќе за што да зборувате, што да правите, или, едноставно ви беше досадно? Застанете повторно и запрашајте се, како се чувствувавте кога вашиот мобилен го заборавивте некаде или поради некоја причина не бил со вас?

Не знам дали сте свесни, но ритамот на нашите животи е целосно променет. Од една страна како што технологијата еволуира и нејзиниот напредок нѐ држи активни, да имаме нешто постојано да правиме, да читаме, слушаме, гледаме, а од друга страна директно влијае на нашите животи, нѐ ограничува квалитетно да го поминеме времето со најблиските, негативно се одразува на времето потребно за спиење, нѐ попречува максимално да уживаме во голем дел од работите кои ги правиме. Дури и начинот на кој комуницираме со другите и пренесуваме некоја информација е променет. Наместо да изразиме некоја емоција лично, сега користиме некој од многуте „емотикони“, „гиф“- ови и слични апликации.

Честопати соочувајќи се со желбата да воспоставам рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, да бидам информирана за работите што ме интересираат за сметка на времето кое би сакала да го поминам со луѓето кои ми значат, а притоа јас да ја имам контролата над технологијата и нејзиното влијание врз секојдневните мои активности, ви предлагам некои совети кои се трудам да ги имплементирам јас, а верувам ќе бидат корисни и за вас:

  • Користете ја технологијата паметно – Знам дека звучи како клише ама навистина да ја користиме технологијата паметно. Кога сме на работа да бидеме на работа. Кога сме дома да бидеме навистина – дома. Обидете се да не ја проверувате вашата службена е-пошта или мобилниот телефон, кога сте со вашите најблиски. Еве, на пример обидете се по завршувањето на вашето работно време два часа да го исклучите телефонот за да може да се посветите максимално на тоа што го сакате.
  • Ценете го повеќе вашето приватно време – Поставете временски период кога ќе ја проверувате вашата е-пошта или ќе комуницирате со другите. Само затоа што сме реално достапни 24/7 со инсталирање на различни апликации на нашите мобилни, не значи дека треба да одговараме на сите меилови и повици веднаш кога ќе ги добиеме. Направете приоритетна листа и најпрво одговарајте само на најитните и најважните.
  • Бидете повеќе проактивни, а помалку реактивни – Фокусирајте се да бидете максимално посветени на завршување на работите една по една. Наместо да работиме на неколку работи одеднаш, како на пример истовремено да пишуваме „меил“, да зборуваме на телефон и да се договараме за гледање со пријателите или состанок со клиентите, а притоа да нѐ фаќа паника дека немаме многу време, а имаме многу работа, да се потрудиме да завршиме една обврска целосно пред да се префрлиме на друга.
  • Бидете поврзани со другите, но не и зависни од технологијата – Трудете се колку што можете лично да комуницирате со другите, a технологијата да ја користите за да бидете попродуктивни во извршување на вашите работи. Со тоа дополнително ќе работите на подобрување на вашите комуникациски вештини, активно слушање и развој на вашите вештини за креативно размислување.
  • Погледнете околу себе – Брзајќи да ги оствариме нашите цели, полека забораваме на другите во наша близина. Колку пати додека сте се возеле во автобус или сте чекале да влезете некаде на состанок сте се потрудиле да дознаете нешто за личноста до вас наместо да проверувате нешто на мобилниот што и не е толку важно? Пред некој ден додека се возев во автобус забележав како еден дечко му помогна на повозрасен човек да влезе во автобусот и случајно го слушнав нивниот разговор. Излезе дека дечкото е невработен, а човекот имал близок пријател кој барал профил на вработен како него.

Tip of the Week предизвик:

Ве предизвикуваме да го исклучите вашиот мобилен телефон барем два часа дневно и да анализирате што ви се случува. Вашите коментари, чувства и реакции напишете ни ги на нашата е-пошта. Трите најинтересни коментари до следниот четврток ќе бидат наградени со Tip of the Week брендирани подароци.

Со успех во промените.