
Цените на нафтата, паднаа утрово, по вчерашниот силен раст. На лондонскиот пазар, цената на барелот Брент се лизна за 0,70 проценти, на 102,35 долари, додека на американскиот пазар, барелот падна за 0,69 проценти, на 91,50 долари.
Доларот зајакна четврти ден по ред
А на валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути порасна четврти ден по ред, достигнувајќи нов двомесечен максимум, бидејќи се очекува ФЕД повторно да ги зголеми каматните стапки во октомври за да ја ограничи инфлацијата.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, утрово е околу 101,10 поени, додека вчера во ова време беше 100,55 поени.
Во исто време, девизниот курс на доларот во однос на јапонската валута се зголеми од вчерашните 157,55 на 157,90 јени.
Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1385 долари, додека вчера во ова време изнесуваше 1,1425 долари.
Инаку вчера цените на нафтата скокнаа за речиси 4 проценти вчера, откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави пред Генералното собрание на ОН дека Техеран никогаш нема да се предаде под притисокот на САД.
Силниот пораст на цените на нафтата повторно предизвика стравувања дека инфлацијата ќе остане на покачено ниво и дека тоа ќе ја наведе американската централна банка дополнително да ги зголеми каматните стапки веќе на седницата во октомври.












