Австриската министерка за финансии Мариа Фектер безуспешно се обидуваше во Брисел да ја убеди Европската комисија да и даде повеќе време на Хипо Алпе Адриа банка за продажба на ограноците во југоисточна Европа.
Европската комисија во последно време го засили притисокот на владата во Виена да го забрза процесот на реорганизација на банката, во која од крајот на 2008 до крајот на 2012 година се инјектирани вкупно 2,2 милијарди евра државна помош, а годинава ќе добие дополнителни 700 милиони евра.
Од Австрија предупредуваат дека забрзаната продажба на ограноците во ЈИЕ би предизвикала дополнителни трошоци и дополнителни финансиски инјекции од државниот буџет. Затворањето на банката би чинело најмалку шест милијарди евра, стравуваат во банкарскиот сектор, укажувајќи на последично активирање на гаранциите и крах на интерното финансирање во концернот. Управата нагласува дека во моментов не е можно да се продадат ограноците во ЈИЕ, односно во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Словенија, на кои отпаѓа една третина од вкупната актива на банката, повеќе од половина вработени, 80% филијали и 90% клиенти.
Еврокомесарот за заштита на пазарна конкуренција, Јоакин Алмуња, минатиот месец и порача на австриската влада дека на банката и е потребна реорганизација, контролирана ликвидација или план за контролирано гасење. Европската комисија им се закани на банкарите во Хипо група и на Австрија дека ќе наложи нејзино затворање, доколку надлежните органи во Виена итно не поднесат во Брисел план за реструктуирање на презадолжената банкарска групација. Според дефиницијата на ЕУ, успешно реструктуирање на Хипо подразбира итна продажба на осум Хипо банки во југоисточна Европа, главно на Балканот.