Заврши десеттиот Лидер Проект: Најдобрата бизнис обука во Македонија што не се купува со пари

39

dsc_0154

Затворањето на Лидер Проект го одбележа десеттото јубилејно издание на програмата за бизнис образование којашто е резултат на македонско – канадска соработка. Учесниците на програмата ги направија нивните финални презентации кои беа потребни за да се потврди со официјален сертификат стекнувањето на нови вештини во деловната сфера. Презентациите ги оценуваше панел од македонски и меѓународни професионалци од рангот на извршни менаџери и директори, кои ги оценуваа учесниците според формулата за рангирање на едно од најдобрите бизнис школи во Северна Америка, школото Ајви при универзитетот Вестерн во Онтарио, Канада, стои во соопштението.

Финалните презентации отворија прозор во имагинацијата и потенцијалот што го имаат младите бизнис професионалци во Македонија. Учесниците ги претставија своите бизнис идеи, голем дел од кои заслужуваат инвестиција и поддршка. Иако рангирањето е неформално, членовите на жири комисијата беа неволни да ги изостават најдобрите учесници од првите три меса, па така на овој Лидер Проект има неколку учесници што ги делат првото и второто место. Победниците кои го делат првото место ќе добијат бесплатни влезници за учество на Самитот на Македонија2025 (1-2 ноември во Скопје), а победниците на второ и трето место ќе имаат можност да ги претстават нивните идеи на меѓународниот натпревар Get in the Ring во класата на стартапи. Секој од победниците преку овие награди ќе има можност својата идеја да ја претстави пред потенцијални инвеститори.

“Ги поздравувам сите учесници што одлучија да го вложат нивното време и внимание во програмата. Досега веќе стана очигледно која е користа што ќе ја стекнете преку ова искуство, кое не завршува денес. Вие сте сега дел од мрежата на алумни на Лидер Проект, а луѓето во неа се срдечни во давањето на поддршка и совети, како и можности за меѓусебна соработка. Ве поттикнувам да продолжите да инвестирате во вашите вештини и да ги примените овде во Македонија со цел да и помогнете на земјата да стане подобар и поубав дом за сите нас“, изјави Билјана Марковиќ – Стаменова, директорка на Македонија2025 во Скопје.

Со комплетирањето на двете недели исполнети со учење, прошетки низ Скопје и Охрид, настан за вмрежување и многу дружење и забава, гостите од Канада се вратија дома како поискусни инструктори и лидери кои стекнаа нови пријатели во македонската заедница на млади професионалци и претприемачи.

“Искусив прекрасно патешествие од две недели, исполнето со учење, споделување и забава. Претприемачите на програмата и Македонија2025 беа беспрекорни домаќини кои ни овозможија подобро да се запознаеме со земјата и со потенцијалите во неа“, изјави инструкторката Алисон Морин.

По завршување на програмата Јасмина Антиќ – Атанасовски, основач на центарот за ран детски развој Бонбончиња во Битола, изјави: При процесот на консултации, водени од страна на инструкторите, со нивна помош повторно сфатив каде е мојот фокус и на што јас повторно треба да се насочам. Тоа ми е исклучително важно и ќе биде како еден водечки мотив во наредниот период на кој што ќе треба да се насочам. Друго што ми е исклучително важно се воспоставените контакти за време на целиот проект меѓу армија од 40 претприемачи кои размислуваат со иста идеја, го имаат оној претприемачки дух што не тера да градиме понатаму што поголеми успеси, што поголеми очекувања, и самата енергија која овде ја има е исклучително важна.

Шерефедин Амити од приватното биро за небанкарски финансиски услуги Монета изјави: Ваквите проекти се многу добредојдени, особено во Македонија, со оглед на ситуацијата во која се наоѓаат младите во нашето општество, на кои им е потребна мотивација и поддршка. Лидер проектот за мене е од исклучиво високо значење и мислам дека ќе биде одлично другите генерации кои ќе следат после оваа, при следниот повик за апликации да аплицираат и станат дел од програмата.

Македонија2025 е благодарна за секоја поддршка од страна на спонзорите и оние што придонесоа во реализирањето на обуката. Благодарноста оди и до Дејан Калиников, раководен директор на фондот СЕАФ Македонија, и Љупчо Лу Наумовски, искусен канадски деловен професионалец, кои одржаа одлични и инспиративни говори пред учесниците. Организацијата се подготвува за идните предизвици и идната класа на учесници на Лидер Проект во 2018, кои ќе ја продолжат одличната соработка помеѓу Македонија и Канада.

Македонија2025 им го честита успехот на победниците на прво место Илија Ќироски, Ирина Велевска и Филип Арсов; победниците на второ место Александра Симеонова, Марин Велковски и Фидан Николовски, и победникот на трето место Александар Поповиќ.