Заврши реорганизацијата на Тутунски Комбинат Прилеп

51

Од големиот број на пријавени за доброволно заминување од Тутунскиот Комбинат во Прилеп (ТКП) прифатени се пријавите на 222 вработени. Со ова заврши и последната фаза на реорганизација на ТКП со што очекувањата се дека значително ќе се зголеми ефикасноста на Комбинатот.

Тутунскиот комбинат од Прилеп во изминатите години интензивно работи на трансформација на своето работење и со тоа започна да бележи позитивни резултати. Веќе денес Комбинатот нема долгови кон државните институции и навреме ги плаќа обврските кон деловните партнери и банките.

“Пред истекот на календарската 2017 година се раздолживме кон државата исплаќајќи долг стар 6 години, почнавме со редовно сервисирање на обврските кон доверителите и банките, а имавме и година со добар откуп на тутун, така што изминатиот период направивме значителен чекор напред за враќање на финансиската стабилност на компанијата. Остана како последно довршување на процесот на реорганизација каде беа опфатени лица кои се со висока старосна структура. Со овој чекор одиме напред кон зголемување на ефикасноста паралелно со веќе отпочнатиот процес на модернизација”,  истакна Кире Станкоски, генерален директор на ТКП.

Доброволното заминување од компанијата беше спроведено во соработка со Синдикатот, а новите пакети кои беа понудени на вработените беа изработени со голема транспарентност и врз подобрен принцип, што резултираше и со голем број апликации.

“Ова е последна фаза на реструктуирање во ваков формат и затоа и интересот на вработените беше голем. Дополнително, доброволните пакети, односно условите за заминување беа направени на подобар и транспарентен начин, така што луѓето се пресметаа и голем дел од нив, најмногу оние што имаат уште неколку години до пензија, решија да ја искористат понудената шанса“, вели Игор Китаноски од синдикалната организација на ТКП.

Тутунски Комбинат Прилеп бележи позитивни години по стратешкото партнерство со Филип Морис. Со процесот на реструктуирање, како и со модернизацијата помогната од светскиот тутунски гигант, со подобрување на квалитетот на производите и со проширено портфолио во согласност со потребите на потрошувачите, се очекува ТКП да ја подобри ефикасноста и финансиската стабилност на компанијата.