Завршна конференција за имплементација на Платформа за испорака на административни е-услуги

78

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на завршната конференција во рамки на проектот: Поддршка на МИОА во процесот на модернизација на јавната администрација, којшто во измината година се имплементираше со поддршка на Некстсенс, а финансиран од Европската Унија. На конференцијата се обрати и Фрек Јанмаат, шеф на Секторот од Делегацијата на Европската унија. Деталите за проектот ги претстави ја Игор Андоновски и Миле Грујовски, од Некстсенс.

“Кога во јануари минатата година започнавме со имплементација на проектот  пред нас си поставивме неколку цели. Главната наша заложба беше да обезбедиме алатка која ќе игра значајна улога во менувањето на начинот на којшто функционира јавната администрација. Ама не само начинот на кој функционира, туку и начинот на кој размислува и дизајнира процеси“, истакна министерот Манчевски.

Како што рече тој, овој проект претставува уште една алка која ги надополнува платформата за интероперабилност, Националниот портал за е-услуги и електронскиот регистар на население. Комплементарноста на овие пректи е токму во заедничката цел, а тоа е  граѓаните да можат само со неколку клика да добијат голем број на услуги.

“Со овој проект, во комбинација со Националниот портал за е-услуги, кој ќе го пуштиме во употреба за неколку месеци, секоја институција, иако можеби не поседува никакви ИТ технички и човечки ресурси, ќе може да разменува официјално документи и да нуди електронски услуги на граѓаните. Ова се револуционерни чекори и проекти. Воспоставуваме централни платформи кои можат да ги користат сите институции. Можат и локалните власти, доколку сакаат. Со ова, се заштедуваат огромни суми на пари кои секоја институција индивидуално би требала да ги инвестира во хардвер и софтвер“, информираше министерот Манчевски.

За да ова биде возможно Министерството за информатичко општество и администрација обезбеди и законска основа. Усвоени се трите закони кои овозможуваат документите на хартија да бидат заменети со електронски документи. Станува збор за Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

“Со овие закони се обезбедува унифицирање на начините на кои се водат сите податоци во различните регистри. Исто така, овие закони овозможуваат поедноставни и полесни процедури за граѓаните, кои сега само со единствена регистрација, преку порталот за е-услуги ќе можат електронски да ги добиваат своите услуги. На овој начин, ги хармонизираме нашите со законите на Европската Унија и ја транспонираме европската директива, како предуслов за имплементација на Дигиталната агенда“, рече Ана Малцева, советник во МИОА.

Проектот се состои од неколку резултати:

  • Административна платформа за е-услуги за испорака
  • Правна рамка
  • Обуки

Фокусиран на е-услуги и интероперабилност, проектот резултираше со:

  • Подобрување на спроведувањето на правната рамка за јавната администрација
  • Подобрување на мерењето на квалитетот на услугите
  • Подобрување на перформансите во испораката на административните услуги
  • Подобрување на координацијата на хоризонталните владини политики во однос на РЈА
  • Подобрување на системот на надлежности за администрацијата