Збунете ја завесата, се спуштив

80

zavesa

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Го следам препукувањето на позицијата и опозицијата во Македонија на тема колку сме богати/сиромашни, мерено со износот на бруто националниот доход. Ни на крај памет не ми паѓа да заземам страна во таа дискусија. Едноставно, сакам да ја анализирам збрката околу ова прашање затоа што ова е тема што многу често ја среќавам во мојата работа со клиенти. Во бизнис контекст, оваа тема се претвора во дискусија за тоа колку е богата компанијата. Верувам дека и во двата случаи, држави и компании, за работи за збрка – збунете ја завесата, се спуштив.

Декември и крајот на годината е време на бројки. Државите, компаниите и поединците прават анализи, биланси и разни статистики за тоа што било направено во тек на годината. Државите дискутираат макроекономски показатели (национален доход, инфлација, раст на економијата, невработеност и слично). Компаниите дискутираат микроекономски показатели (биланс на состојба, биланс на успех, како и редица финансиски коефициенти). А ние, поединците, се исповедаме за направените гревови и даваме новогодишни ветувања дека ќе се откажеме од сите пороци!

Заеднички именител на сите овие анализи е тоа што врз основа на минатите настани се дефинира сегашноста и се предвидува иднината. Односно, показателите за она што е направено во минатото:

  1. се земаат како појдовна точка за да се евалуира сегашноста – колку сме добри или лоши сега, и
  2. се третираат како „фикс“ (термин од спортско обложување) за да се прогнозира иднината – колку ќе бидеме добри или лоши утре.

Се разбира дека ваквиот пристап има многу оправдувања и содржи многу вредност во себе – историјата е солидна основа за анализи. Прашањето е дали податоците за она што се случило се доволни за да се предвиди она што ќе се случи. Верувам дека одговорот е „не“. Во државите, компаниите и поединците во секој момент се одвиваат огромен број процеси, сега и тука. Последиците на тие процеси, како и нивниот приказ низ разновидни показатели, ќе станат видливи утре. А утре може да биде многу доцна за да се коригираат грешките. Затоа во мојата работа со клиенти користам т.н. концепт на „економско здравје на компаниите“, модел што го развив со моите соработници и кој е заштитен (copyright) овде во САД.

Економското здравје претставува способност на компанијата да се прилагоди, реализира и да се обнови себеси побрзо од конкуренцијата. Имплицитно, оваа дефиниција упатува на проактивност и динамичко предвидување на можниот развој на компанијата.

Економското здравје го прикажуваме преку:

  • еден општ, или вкупен индекс, и
  • десет посебни индекси, или индекси по одделни функции во компанијата.

Индексите се комбинирани статистички мерки извлечени врз основа на само-проценката на компанијата и се изразени на скала од 0 до 100. Значи не врз основа на документи и бројки за историски настани, туку врз основа на проактивна оценка на она што „се крчка“ во моментот.

Општиот Индекс на Економско Здравје е интегрален резултат пресметан како три-димензионално Евклидово растојание меѓу десет витални функции на компанијата, додека посебните индекси се пресметани со примена на матрица на веројатност, пренесена на вектор од 0 до 100.

Секоја компанија има определен број на функции и, доколку сакаме да извршиме комплетна евалуација, првин треба да се дефинира листата на функции кои се доволни за да го објаснат системот наречен „компанија“.

zvonko 10

Ние сметаме дека секоја компанија се состои од 10 функции – (1) Внатрешно опкружување, (2) Опслужување на пазарот, (3) Технологија на претворање на влезот во излез, (4) Дотур и проток на пари, (5) Поставување и остварување на цели, (6) Поделба на задачите низ компанијата, (7) Менаџмент, (8) Вработени, (9) Систем за наградување, и (10) Проток на информации. Ова се однесува како на наједноставни компании од типот „еден човек – една работна задача“ така и на најголемите конгломерати на планетата. Разликата меѓу едноставна компанија и конгломерат не е во бројот на функции, туку во атрибутите (квалитетите) на тие функции, нивната сложеност и релациите меѓу нив. Секоја компанија се раѓа и (евентуално) умира со истиот број на функции. Растењето на компанијата значи додавање повеќе атрибути и подобрување на релациите меѓу нив, а не додавање нови функции. На пример, секоја компанија ја има функцијата пари, меѓутоа компаниите користат различни извори на капитал и ги дистрибуираат парите низ компанијата на различени начин. Така, Индексот на здравје на функцијата „пари“ означува колку квалитетно таа функција се остварува во една компанија.

Значи Индексот на економско здравје на една компанија не ги оценува моментните постигања на компанијата, туку покажува колкава е нејзината развојна моќ. Не знам дали е можно ваков индекс да се извлече за една држава, ама би бил многу среќен кога тоа некој би пробал да го направи. Ама тоа да не биде некој што сака да се додворува на позицијата, ниту пак некој кој сака со евтини трикови да заработи поени кај опозицијата. Туку некој кој независно, сериозно и длабински би анализирал „што се крчка во државата и каква манџа може да излезе од тоа.“