Фото: Pexels
Сите ние ја знаеме изреката „во здраво тело, здрав дух“. Но и сите ние сè поретко сакаме или можеме да најдеме слободно време да се грижиме за добросостојбата на нашето тело и организам (иако јас мислам дека времето го користиме како изговор).
А од друга страна, сите знаеме колку е важно да сме здрави, да се храниме здраво, да имаме физичка активност редовно, да сме наспани по 8 часа дневно, а при тоа најголемиот дел од денот сме на работното место.
И токму поради трендот на здрав начин на живот, компаниите сè повеќе се трудат да им овозможат на своите вработени различни wellness програми на работното место, врз основа на нивното верување дека таквите програмите ќе придонесат да се подобри здравјето на вработените и да се зголеми продуктивноста. На компании како Google и Facebook им се воодушевуваме за нивната корпоративна култура којашто ја имаат кон здравиот начин на живот и би сакале да работиме во таква компанија.
Не би сакала да ви кажувам совети како и што треба да се прави за да водите здрав живот, сигурна сум дека сите го знаете тоа. Со овој совет на неделата, сакам да ви кажам како ние во Македонија Експорт се трудиме да ја гаиме здравата корпоративна култура со тоа што нашите верувања и однесување се насочени кон секојдневното грижење за здравјето на работното место.
– Мини спортски центар: На работа, речиси сите вработени седиме на топки за пилатес со што седењето ни е поспецифично и на тој начин ја зголемуваме активацијата на мускулите на долниот дел од телото. Сега е во план поставување на вратило на кое ќе може сите да вежбаме и секој вработен да добие јога душек за да може да вежба јога во текот на работното време. Ние немаме голема спортска сала во склоп на канцелариите, но кога одредена просторија е слободна, може да се користи за спортска намена.
– Канцелариски вежби: Два пати во денот сите ние вежбаме канцелариски вежби. Еве видео како го правиме тоа: https://www.youtube.com/watch?v=-E4Wa5XGz60
– Храна и вода: Се трудиме колку е можно здраво да се храниме, а тоа значи еден колега оди на пазар и купува за сите овошје и зеленчук, па правиме салати во канцеларија, а многу често, за да зготвиме нешто го вклучуваме и шпоретот, носиме зготвена храна од дома… секако полесната опција е да се купи некој шејк или салата од најблиското продажно место. Исто така, сите колеги на телефонот имаме апликација што нè потсетува редовно да пиеме вода. И функционира! Добавувачот на вода ни коментира дека пиеме вода како за компанија со 100 вработени.
– Катчиња за релаксација: Во канцеларијата имаме специјално читачко катче каде што кога некој сака да одмори или пак нема работа, може да оди таму и да прочита некоја книга од нашата библиотека. Дополнително, имаме супер уредена тераса која секој од нас е пожелно да ја користи по 5-10 минути дневно, да гледа во далечината и да го релаксира мозокот. Многу од нас знаат таму да поминат дел од работното време, но работејќи. На тој начин сме многу порелаксирани и продуктивни при извршувањето на работните задачи.
Се надевам дека барем некои од нашите начини за водење здрав живот на работното место ќе можете да практикувате и да почнете да ширите здрава корпоративна култура.
Со успех во промените.