Млечната компанија Здравје Радово соопшти дека во првите пет месеци од годинава произвеле над 1.500.000 производи од познатото Кисело Млеко, со што ги надминале резултатите остварени во истиот период од изминатите 11 години.
Во соопштението се вели дека успехот е резултат на довербата на потрошувачите и кооперантите, како и на фактот дека Млекара Здравје Радово во првите месеци од 2013 година бележи раст на производството од 30%.
“Горди сме што токму Киселото Млеко од Здравје Радово го преферираат потрошувачите. Тоа е еден од нашите најконзистентни производи, кој како дел од нашата кисело млечна програма се трудиме континуирано да одржуваме висок квалитет и постојаност. Целосно автоматизираниот процес на производство повеќефазните контроли како и ефективно имплементираните НАССР стандарди, како и нашата долгорочна определба да создаваме квалитетни и безбедни производи, се гаранција потрошувачите да ни веруваат”, изјави првиот човек на млекарницата Јован Дабевски.
Здравје Радово на домашниот и регионалниот пазар пласира 40 млечни и киселомлечни производи, а над 25% од вкупното производство се извезува.
Планирано е наскоро на пазарот да бидат дистрибуирани шест нови производи – намази, путери и за прв пат чоколаден намаз.
Млекарницата Здравје Радово поседува четири производни капацитети, два во Струмица, еден во Куманово и еден во Скопје, како и голем дистрибутивен центар во главниот град. Соработува со повеќе од 2000 фармери, како и со најголемите фарми во Македонија, како што се ЗИК Пелагонија, ЗСК Струмица и др.