
Интересот на странските инвеститори за Виетнам нагло се зголеми во октомври, со фокус на изградбата на нови погони, покажаа официјалните податоци.
Од почетокот на октомври странските инвеститори се обврзаа да инвестираат 5,3 милијарди долари во Виетнам. Месечниот просек годинава бил 2,2 милијарди долари.
Околу 90 отсто од најавените пари одат за плановите за изградба на фабрики, покажуваат податоците на виетнамското Министерство за инвестиции. Од почетокот на годината, инвеститорите ветија дека ќе инвестираат вкупно 25,76 милијарди долари во Виетнам, 14,7 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година.
Три четвртини од сумата треба да се инвестира во индустријата. Според податоците од почетокот на годината, најмногу пари се подготвуваат да вложат Кина и Хонг Конг, а потоа следат Сингапур и Јужна Кореја. Реалните инвестиции се зголемени за 2,4 отсто од почетокот на годината, на 18 милијарди долари, покажуваат податоците, пренесува Index.hr.











