Земја во која со плата од 4.000 евра се живее на работ на сиромаштија

Додека во многу земји плата од 4.000 евра би се сметала за добра, во Швајцарија тоа би значело дека живеете на работ на сиромаштијата.

Кирија, немање доволно станбени единици и поскапување на здравственото осигурување. Кога сето тоа ќе се среди, остануваат малку пари. Според извештаите, речиси 750.000 луѓе се погодени од сиромаштија.

Некои станоиздавачи во Швајцарија веќе предлагаат нивните станари да им платат дополнителни 100 швајцарски франци (104 евра) во очекување на дополнително зголемување на цената на струјата, објавија швајцарските медиуми.

На станарите им било предложено да платат дополнителни 50 франци (52 евра) за двособни апартмани и од 80 до 200 франци (83 до 208 евра) за петсобни станови за да „избегнат непријатни изненадувања“, пренесува швајцарската медиумска куќа.

Агентите за недвижности наведуваат дека поскапувањето на кириите особено ќе ги погоди станарите од зградите што се греат на мазут и гас или кои немаат соодветна изолација.

– Ме фаќа грутка во грлото кога ќе помислам на многу семејства кои се на работ на сиромаштијата. Таа бројка не е мерлива – вели Даниел Лаупер од една хуманитарна организација.

Тој очекува уште повеќе луѓе да побараат помош поради зголемувањето на премиите за здравствено осигурување кое треба да стапи на сила следната година.

Имено, нивниот министер за здравство изјави дека здравственото осигурување ќе се зголеми за 8,7 отсто во текот на наредната година.

Медиумите во Швајцарија објавија дека поскапувањето за семејство со две деца ќе изнесува 1.000 франци (околу 1.030 евра) годишно.