Со децении, земјите со пофлексибилни даночни системи и помали даночни оптоварувања привлекуваат повеќе странски инвестиции од оние кои оданочуваат голем број деловни активности.
Сајтот „Visual Capitalist“ направи листа на земји со најконкурентни даночни системи.
Главни критериуми при составувањето на листата беа ниските даноци за бизнисот, но и отсуството на економски нарушувања како фаворизирање на трошење наместо штедење. Со други зборови, оваа страница ги избра меѓу членките на ОЕЦД земјите во кои е најисплатливо да се води бизнис, барем кога ќе се земе предвид даночната политика, пишува Biznis i finansije.
На врвот на листата е Естонија, која има корпоративен данок од 20 отсто, но тој се однесува само на добивката што се распределува на акционерите и на такса за земјиште.
По неа следат Летонија и Нов Зеланд, а само на четвртото место е Швајцарија, еден од најпознатите даночни раеви во светот.
Зад нив се Луксембург, Литванија, Чешка, Шведска, Австралија и Норвешка.
Соединетите Американски Држави паднаа на средината на оваа листа бидејќи даноците не ги оптоваруваат инвестициите во производствена опрема, но оданочуваат други аспекти на бизнисот.
Најмала даночна конкурентност има Италија, која оданочува многу работи.











