Земјите на ЕУ инвестираа околу 67 милијарди евра во услуги за заштита на животната средина

Се проценува дека во 2023 година земјите од Европската унија  инвестирале околу 67 милијарди евра во средства неопходни за обезбедување услуги за заштита на животната средина, објави денеска Евростат.

Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика посочува дека овие услуги вклучувале инвестиции во станици за третман на отпадни води, возила за транспорт на отпад, купување на земјиште за создавање природен резерват или почиста опрема за производство.

Се наведува дека од споменатата сума, околу 40 милијарди евра потрошиле корпорации, но и специјализирани даватели на услуги за заштита на животната средина, како приватни компании кои се занимаваат со собирање и преработка на отпад и канализација.

Од тие 60 проценти од вкупните инвестиции на земјите од ЕУ, дел од парите потрошиле и корпорации кои не се специјализирани производители, но купуваат технологии и опрема што го намалуваат притисокот врз животната средина што произлегува од нивниот производствен процес.

Останатите 40 проценти од инвестициите ги направи генералниот државен и непрофитен сектор.

Инвестициите во заштита на животната средина во вкупните инвестиции во 2023 година во земјите на ЕУ изнесуваат околу 1,8 отсто.

Најголем дел од инвестициите се однесуваат на отпадни води (41,6 отсто) и услуги за управување со отпад (26,6).

Заштитата на воздухот учествува со 10,4 отсто од инвестициите во заштита на животната средина, а општата администрација за животна средина, истражување и развој, како и заштитата од радијација со околу 8,4 отсто.

Потоа следат биодиверзитетот и заштитата на пејзажот (6,4), заштитата на почвата и подземните води (5,6) и намалувањето на бучавата (1,1), забележува Еуростат.