
Производителите на нафта од земјите од Персискиот Залив изгубија околу 15,1 милијарди долари приходи од почетокот на војната меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Израел против Иран, според агенциите за анализа на стоки.
Според проценките на „Кплер“, околу 1,2 милијарди долари сурова нафта, рафинирани производи и течен природен гас обично минуваат низ Ормускиот теснец секој ден, објавува „Фајненшл тајмс“ (FT).
Сообраќајот низ тој теснец е во голема мера прекинат по ескалацијата на конфликтот во Иран на 28 февруари.
Саудиска Арабија, како најголем извозник, бележи најголеми загуби, а се проценува дека изгубила 4,5 милијарди долари од почетокот на војната, според податоците од компанијата „Вуд Мекензи“, објавува „Бета“.
Меѓу најизложените земји е Ирак, бидејќи се потпира на производството на нафта за околу 90 проценти од државните приходи.
„Кувајт и Катар се исто така многу изложени, но и двата можат да се обратат на големи суверени фондови за да го ублажат краткорочното влијание“, рече главниот економист на „Вуд Мекензи“, Питер Мартин.
Внатре во Ормускиот теснец, најмалку 10,7 милијарди долари сурова нафта, деривати и течен гас се заглавени и не можат да стигнат до своите одредишта, тврди „Кплер“.











