Земјите од регионот се загрижени поради зголемените цени на енергентите

17

Земјите во регионот се загрижени за зголемувањето на цените на енергентите, а некои веќе одлучија да најдат начини за ублажување и решавање на проблемот.
Во Босна и Херцеговина, по состанокот на работодавачите со претставници на Електропривреда БиХ, беше објавено зголемување на цената на електричната енергија од 70 на 120 проценти, што, како што се проценува, ќе биде катастрофално за економијата и граѓаните.

Во оваа прилика се огласи и премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ, кој рече дека додека тој е на чело на Владата, нема да има поскапување на струјата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави формирање на голема работна група на државно ниво, која ќе се обиде да го реши проблемот со поскапувањето на градежните материјали. Тој наведе дека сопствениците на фабрика за цемент во Србија му рекле дека доколку цените на електричната енергија на либерализираниот пазар се толку високи, тие ќе мора да ја зголемат цената за цемент за 25 проценти, што со себе ќе донесе пораст на цените во градба. Вучиќ за ТВ Пинк рече дека тоа значи дека сите градежни материјали ќе поскапат за 25 проценти, така што тоа ќе се одрази на сите градежни работи.

Албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека на земјата и се заканува голема енергетска криза поради скокот на цените на енергијата на светскиот пазар.

Рама на вонредна прес -конференција рече дека последиците од зголемувањето на цените на горивото и гасот се видливи низ целиот свет. За Албанија, просечната годишна откупна цена на увезената енергија е скоро тројно зголемена во споредба со минатата година, рече Рама. Тој вети дека владата ќе стори сé за да го заштити загрозеното население и малите бизниси од влијанието на оваа нова криза. Отворањето на економиите по пандемијата и зголемената побарувачка за енергија, доведе до скок на цената на гасот за 250 проценти, додека цената на нафтата скокна од 60 долари за барел во август на скоро 80 долари.Според сегашните проекции, цената на нафтата може да достигне 100 долари за барел до крајот на годината.