Земјите со евтина работна сила ја губат економската трка

118

Производствената активност во Азија изгуби импулс во август, бидејќи “оживувањето“ на коронавирусот ги нарушува синџирите на снабдување низ целиот регион, предизвикувајќи загриженост дека нестабилното производство ќе ги влоши економските проблеми предизвикани од намалената потрошувачка.

Југоисточна Азија, која е производствен центар на многу глобални компании поради ниските трошоци, беше особено погодена од падот на фабричката активност во Виетнам, Тајланд, Индонезија и Малезија поради избувнувањето на пандемијата и прекинот на производството, пишува Ројтерс, повикувајќи се на неодамна објавено истражување.

Кога станува збор за глобалната економија, особено е загрижувачки што кинеската производствена активност исто така падна минатиот месец, за прв пат во година и половина, поради мерките против ширењето на коронавирусот, “тесните грла“ во снабдувањето и високите цени на суровините што влијаеше на производството.

Азиските извозни сили – Јапонија, Јужна Кореја и Тајван – исто така забележаа побавен раст на производствената активност во август, што значи дека недостатокот на чипови и затворањето на фабриките може да го одложат одржливото закрепнување од падот, предизвикан од пандемијата.

Слабоста во Азија е во контраст со ситуацијата во Европа, каде што се очекува производствената активност да продолжи да се забрзува бидејќи многу економии ќе се отворат поради високите стапки на вакцинација. Истражувањата покажуваат зголемена штета предизвикана од пандемијата во Југоисточна Азија. Поради зголемениот број заразени и мерки за затворање, се прави дополнителна штета и на услужниот и на производствениот сектор.

Големите инвестициски банки Goldman Sachs, JPMorgan Chase и HSBC ги наведуваат последиците од “негативниот делта ефект“ во цела Азија. HSBC, во својата анализа, посочува дека производствениот циклус во секторот “електроника“ на најголемиот континент инаку го допре таванот, така што природно ќе се забави, но четвртиот бран на коронавирусот го забрза почетокот на трендот.