Вкупно 600 индивидуални земјоделци и фармери и уште педесетина аграрни компании за првите три месеци годинава ги осигурале своите посеви, плодови и животни. Наскоро земјоделското осигурување ќе стане задолжително со закон и заради тоа неговото учество во осигурителниот пазар значајно ќе се зголеми. Целта на оваа реформа е преку зголемување на масовноста значајно да се намали цената на осигурувањето, а истовремено со акумулација на средствата на осигурениците-земјоделци да се создадат големи фондови од кои ќе се исплаќаат штети кои може да ги предизвикаат временските непогоди и особено актуелните климатски промени
Повеќе од 650 индивидуални земјоделци и аграрни компании вложија 118,6 милиони денари (1,93 мил.евра) во осигурување на посеви, плодови и животни за првите три месеци годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вкупно 600 земјоделци и фармери во првиот квартал годинава вложиле во осигурување на своето земјоделско производство. За осигурување на посевите и плодовите во овој период се склучени 444 договори за осигурување во кои земјоделците вложиле 81 милиони денари (над 1,3 мил.евра). Фармерите во осигурување на своите животни вложиле над 23 милиони денари (380.000 евра) и склучиле 156 договори со осигурителни компании.
Во овој период во осигурување на своето земјоделско производство, стока и живина земјоделските компании вложиле 14,4 милиони денари (234.000 евра). Од тоа 5,5 милиони денари (89.000 евра)се за осигурување посеви и плодови, а останатите 8,9 милиони денари (145.000 евра) се за осигурување животни.
Осигурителните компании во првите три месеци исплатиле 24,1 милиони денари (391.000 евра) за штети покриени со земјоделско осигурување. Исплатени се 331 штета на фармери за осигурување животни и 6 штети за осигурување посеви и плодови.
Минатата година вкупните вложувања во земјоделско осигурување изнесувале 547 милиони денари (8,9 мил.евра). При тоа биле склучени вкупно 3.858 договори за осигурување посеви, плодови и стока. Речиси 3.000 од тие договори ги склучиле индивидуални земјоделци кои ги осигурале нивните посеви и плодови, а над 500 фармери вложиле во осигурување на нивната стока и живина. Лани 376 земјоделски компании имале осигурување за посеви, плодови и стока.