Со почетокот на април започна и пријавувањето на сточарите за субвенции по литар продадени млеко. Пријавувањето ќе трае до крајот на овој месец, а за литар млеко сточарите ќе добијат по 3,5 денари.
“Барањата се поднесуваат во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделското производство во Кочани, а потоа од таму ќе бидат обработени во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и вдоостопанство. Се работи за продадено млеко во текот на месеците октомври, ноември и декември, во рамките на проектот Прва фаза за млекопроизводство 2013”, изјави Влатко Минов раководител на Подрачната единица во Кочани.
Очекуваната бројка на сточари, кои би поднеле барање за субвенции по литар продадено млеко, според Минов е 500.
Во Подрачната единица на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани трае и пријавувањето од страна на земјоделците за осигурување на земјоделските култури, за кој интересот годинава е мошне голем.
Минов истакна дека тоа е така од причина што земјоделците се поучени од елементарните непогоди кои го зафатија подрачјето, па така започнаа да ги осигуруваат земјоделските култури.
“Државата субвенционира 60% од парите за осигурување. Земјоделците најпрвин доаѓаат во просторите на Подрачната единица по соодветната потврда па потоа одат во осигурителните компании каде што прават полиса и повторно се враќаат кај нас и поднесуваат барање за субвенционирање”, појасни Минов.