Зетот на Трамп најави големи инвестиции на Балканот, планира да инвестира милиони во Србија и Албанија

43

Зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер објави дека е блиску до финализирање на проектите за недвижнини на Балканот.

Како што објасни Кушнер, зделките за недвижнини се однесуваат на Албанија и Србија, а според Њујорк тајмс, Кушнер работел на овие зделки заедно со Ричард Гренел, кој исто така беше специјален пратеник за Балканот за време на администрацијата на Трамп.

Еден од предложените проекти се однесува на развој на острови во близина на брегот на Албанија, додека другиот се однесува на луксузен хотел и 1.500 станбени единици со музеј во Белград.

„Третиот проект, исто така лоциран во Албанија, би бил изграден на полуостров на југот на Албанија во рамките на познатото одморалиште Валона“, пишува NYT.
Вклучувањето на Кушнер би било преку неговата компанија Affinity Partners.

„Многу сме возбудени. Сè уште не сме ги финализирале овие договори, но работиме напорно и сме прилично блиску“, рече тој.

Џеред Кушнер и неговата сопруга двапати ја посетија Албанија откако Трамп ја напушти функцијата. Тие ја обиколија земјата со Ричард Гренел, а се сретнаа и со премиерот на Албанија.

„Ја поддржувам визијата на Рама за Балканот. Ја сакам Албанија и ги поканувам американските инвеститори во земјата“, рече претходно Гренел.