Македонски Телеком ги згаснува двата продуктни бренда Т-Home и T-Mobile и воведува еден бренд – Телеком, под чија капа компанијата ќе продолжи да го нуди целото свое портфолио на услуги наменети за приватни и деловни корисници, се вели во соопштението на компанијата.
Отсега, под Телеком брендот ќе се нудат сите комуникациски услуги за дома и во движење: мобилни и фиксни интегрирани услуги, решенија за деловни корисници, како и и Cloud решенија.
Воспоставувањето на еден бренд има за цел поедноставување на процесите, во насока на зголемување на задоволството на корисникот, како клучен фокус на Македонски Телеком. Kомпанијата, како што се наведува, и понатаму ќе продолжи да ги нуди најдобрите услуги и грижа за единствено корисничко искуство од едно место и под еден брeнд Телеком.
Наскоро, под брендот Телеком ќе биде претставено новото интегрирано продуктно портфолио – Magenta 1, едноставен концепт којшто е лесно прилагодлив на специфичните потреби за комуникациски услуги на секој корисник. Magenta 1 ветува незаборавно корисничко искуство и многу забава за целото семејство, дома и во движење. Станува збор за концепт којшто во целост е прилагоден на динамичниот живот и потреби на современиот корисник.
“Ние сме најголема компанија во државата и гарант на силниот развој на телекомуникациската индустрија. Со своите инвестиции, Македонски Телеком ќе продолжи да биде двигател на промените на пазарот, а истовремено и поддржувач на македонската економија и општество. Нашите следни активности се насочени да останеме лидери на пазарот. Оттука, воспоставувањето на еден Телеком бренд и воведувањето на новиот продуктен концепт целосно е во согласност со глобалната стратегија на Дојче Телеком Групацијата како телекомуникациски лидер во Европа. Наскоро воведуваме ново продуктно протфолио коешто покрива спектар на телекомуникациски услуги, согласно специфичните потреби на еден современ корисник“, изјави Андреас Маиехофер, главен извршен директор на Македонски Телеком на средба со новинарите во Берлин.
Македонски Телеком на 19-ти септември со цел да го прослави брендот Телеком организира голем настан во Скопје за сите граѓани на Република Македонија, којшто ќе биде за паметење и ќе овозможи забава и незаборавно дружење.