Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јануари 2020 година е зголемен за 0,4 процентни поени во однос на декември 2019 година и изнесува 22,6, а во однос на јануари 2019 година е зголемен за 2,5 процентни поени, соопштува Државниот завод за статистика.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јануари 2020, во однос на декември 2019 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се непроменети.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во јануари 2020 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна и во однос на јануари 2019 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јануари 2020 година изнесува 71,1% од нормалното искористување.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 25,6%, недоволната странска побарувачка со 17,5%, недоволната домашна побарувачка со 14,9% и неизвесното економско опкружување со 12,5%.
Фото: Pexels