Зголемен карго сообраќај на руските железници поради избегнување на Суецкиот канал

39

Нападите на Хутите на бродовите во Црвеното Море го намалија обемот на сообраќај низ Суецкиот канал, што ја зголеми побарувачката за товар на руските железници и им донесе зголемен профит.

Од декември бројот на апликации за карго превоз на руските железници е зголемен за 40 отсто, објави германската логистичка компанија DHL, додека според податоците на холандскиот превозник Rail Bridge Cargo, обемот на карго превоз на руските железници е зголемен за 31 проценти во однос на минатата година, пренесува Комерсант повикувајќи се на Financial Times.

Откако јеменските Хути нападнаа трговски бродови во Црвеното Море, логистичките компании почнаа да го избегнуваат Суецкиот канал и да пловат околу Африка, зголемувајќи го времето на патување од Азија до Европа на 50 до 55 дена. Со железница низ Русија, ова патување трае од 25 до 30 дена.

Руските железници (РЗД) објавија во февруари 36 отсто зголемување на железничкиот сообраќај со Кина во текот на 2023 година. Руските железници оваа динамика ја објаснија со активното работење на железничките гранични премини.

Некои големи логистички компании, вклучително и швајцарската Kuehne & Nagel и данската Maersk, рекоа дека избегнуваат да користат железнички линии низ Русија откако руските војници влегоа во Украина, а извршниот директор на RZD Олег Белозорев е под санкции од Западот од 2022 година.