Зголемени нефункционалните кредити во првиот квартал

19

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2021 година.

Во Извештајот се потенцира дека банкарскиот систем продолжи да работи во услови на сè уште висока неизвесност поради пандемијата, потврдувајќи ја својата подготвеност да одговори на ризиците со кои е соочен и истовремено да обезбеди натамошна кредитна поддршка за економијата.

На 31.3.2021 година, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 16,8%, што е мало подобрување во споредба со крајот на 2020 година. Растот на сопствените средства, пред сè како резултат на реинвестираните добивки, имаше најголем придонес за зголемувањето на стапката на адекватност на капиталот.

Во првиот квартал од 2021 година, во услови на понатамошен раст на ликвидните средства на македонскиот банкарски систем, показателите за ликвидноста се задржаа на стабилно и задоволително ниво. Следствено, поголемиот дел од показателите преку кои се следи и се оценува ликвидноста забележаа подобрување.

Во однос на кредитниот ризик, во првиот квартал на 2021 година стапката на нефункционални кредити има минимално зголемување и изнесува 3,5%. Оваа промена главно е одраз на кредитите на домаќинствата, додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети. Покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредноста е на ниво од 69,7%, коешто останува солидно.

Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем продолжува со профитабилно работење, што е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно за нивната стабилност и отпорност.

Фото: Pexels